РТК: Коснет им ја тресна вратата на косовските лидери

Од:

Косовската јавна радиотелевизија (РТК) на својата веб-страница објави дека американскиот амбасадор Филип Коснет ја напуштил денешната средба со косовските лидери нервозен и им ја треснал вратата на излегување.

Повикувајќи се на сопствени анонимни извори, РТК тврди дека Коснет бил видно изреволтиран од некои изнесени ставови на средбата во врска со американското барање за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, што пред нешто повеќе од два месеци ја воведе Владата на Косово.

– На оваа средба со претседателот Хашим Тачи, парламентарниот спикер Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, амбасадорот Коснет јасно ставил до знаење дека постојат само два пата: Првиот, укинување на таксата, што значи останување на САД на страната на Косово до крај. Вториот, воведување веднаш на санкции на САД кон Косово, што претставува сериозно наштетување на односите меѓу двете земји, тврди косовската јавна телевизија.

РТК во косовската јавност се перцепира како нескриен поддржувач на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) на Весели, а чиј основач и доскорешен лидер беше Тачи.

Претседателот на државата силно се залага за укинување на таксата на увозот од Србија, со цел да се деблокира дијалогот за решавање на споровите меѓу двете земји.

Актуелниот лидер на ПДК, Весели, завчера побара таксата, поради барањето на САД и на Европската унија, да се суспендира на 120 дена, на што решително се спротивставува премиерот Харадинај, кој вели дека таа ќе се укине кога Белград ќе го смени односувањето и ќе ја признае независноста на Косово.

Харадинај денеска, по состанокот со Коснет, изјави дека не се исклучува неговата Влада да падне, доколку продолжат недоразбирањата меѓу коалиционите партнери за санкциите кон Србија.

Американскиот амбасадор на Косов, Филип Коснет повтори дека САД веруваат дека суспензијата на таксите на српската стока ќе помогне во проецсот на преговори меѓу Белград и Приштина.

– Доколку тоа не се случи постои ризик од целосно губење на замавот, што лошо ќе влијае врз граѓаните на Косово и Србија, а лошо ќе се одрази и на САД и ЕУ, рече Коснет вечерва.

Како што додаде тој, не е прашањето во тоа дали Косово има право да воведува такси, туку во тоа дали тоа е добра одлука за земјата и за САД. Коснет додаде дека САД не сакаат да поставуваат ултиматуми, ниту да диктираат како косовската влада треба да работи.

Американскиот амбасадор демантираше дека Вашингтон ќе воведува економски санцкии за Косово.

– Сакам да ги уверам граѓаните на Косово дека тоа не е вистина. Тоа не е начин на кој што ние се однеусваме кон пријателските земји, како што е Косово. Тоа што го бараме е да има цврсто раководство кое ќе носи одлуки, рече Коснет.

– Чув дека некои косовски функционери коментираат оти САД не им се веќе потребни. Мислам дека граѓаните на Косово не мислат така и дека не се согласуваат. Народот на Косово сака да одржи блиски односи со САД. Доколку Косово одлучи дека тоа не е важно, ќе видиме што ќе се случува следно, заклучи Коснет.

Би можело да ве интересира

Ховениер: Косово да ги исполни сите свои обврски

Инцидент во Косовска Митровица, двајца прободени со нож по финален натпревар

Пеќ: Ранети се три лица, по напаѓачот е распишана потерница

Горан Наумовски

Пет лица загинаа во торнадо во Ајова, десетици се повредени

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски