Повратници од Косово кријат дека се заразени со Ковид-19 и одат на работа во Германија

Од:

Косово е една од земјите од кои минатата недела во Германија пристигнаа најмногу патници заразени од Ковид-19.

Многу од мигрантите со нетрпение чекаат да заминат во своите татковини и да ги прегрнат роднините. Коронавирусот не се прифаќа како причина поради која може да не се присуствува на свадба или погреб.

„По три месеци со строги ограничувања, многумина се опуштија и помислија дека пандемијата е завршена. Поради тоа не се почитуваа основните мерки како одржување хигиена, носење заштитни маски и пред се растојание“, вели Фахри Беча кој работи како кардиохирург во Берлин.

Повратниците раскажуваат за семејните собири во Косово, на кои не се почитувале мерките за спречување на пандемијата.

„Ние се вративме во Германија на почетокот на август. Патувавме со автомобил преку Србија, Унгарија, Словачка и Чешка. Не знаевме дека сме заразени. Кога допатувавме, се тестиравме и резултатите покажаа дека мојата сопруга е заразена. Таа сепак немаше никакви симптоми“, вели еден повратник од Косово кој живее и работи во Дортмунд.

Тој и децата биле негативни на коронавирусот.

Не е лесно да се лоцираат повратниците од Косово кои се инфицирани и се подготвени да зборуваат за тоа. Многумина се обидуваат да го избегнат карантинот, поради страмот, а пред се да не ја изгубат работата.

Докторот Илир Арифи од Баварија е едниот од ретките кој сака отворено да зборува за своето искуство. И тој веројатно се заразил со вирусот за време на неговиот престој во Косово. Таму лечел 56 луѓе кои го замолиле за помош. Сопругата и тој првите симптоми ги почувствувале на аеродромот во Минхен, каде што биле тестирани. Сега и двајцата се во карантин.

„Голем проблем со пандемијата во Косово е што многумина кријат дека се заразени. Заразата е поврзана со чувството на срам. Луѓето се плашат дека семејството ќе им биде стигматизирано, дека би можеле да ја изгубат работата. Но, така проблемот не може да се реши“, вели Арифи.

Според државниот епидемиолошки институт Роберт Кох, Косово се вбројува меѓу земјите од кои најмногу патници се враќаат со Ковид-19 во Германија.

Проблемот е што многу малку од нив знаат каде се заразиле.

„Никој од мојата фамилија нема коронавирус. А мојата сопруга ја посети само својата сестра во Митровица“, вели еден повратник.

И докторот Арифи, кој се уште се бори со вирусот, вели дека во Косово отпатувал само за да се сретне со семејството.

Повратниците од Косово по пристигнувањето во Германија се должни да се тестираат и да бидат во карантин додека не добијат негативен резултат, без разлика дали патувале со автомобил или авион.

Патниците кои пристигнуваат со авионските летови, автоматски се упатуваат во центарот за тестирање, а сите други имаат задолжение по враќањето да останат во карантин и да ги известат здравствените власти. Сепак тоа се прави на доброволна база и невозможно е да се контролира дали сите се придржуваат до тоа правило.

Многумина од повратниците во Германија работат под отежнати услови и тоа во професии каде болеста често може да значи и потенцијално губење на работното место. Поради тоа некои од повратниците се одлучуваат да кријат дека имаат симптоми на Ковид-19.

Би можело да ве интересира

Четворица тинејџери под истрага за нападот на германскиот пратеник Матијас Еке

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот