Нови анти-ковид мерки во Косово, полициски час во неколку општини

Од:

Косовската Влада ги усвои денеска новите мерки за борба против ширењето на пандемијата на Ковид-19, кои ќе стапат во сила од утре, 13 ноември, а одлуката ќе биде преразгледана по две недели, „зависно од епидемиолошката ситуација“.

Според мерките кои вчера ги презентира премиерот Авдулах Хоти, зависно од тоа во која од трите ризични зони се наоѓаат општините, се регулира карантинот и работното време на економските субјекти и угостителските објекти.

Во главниот град Приштина и шест други општини од зоната со висок ризик (Подујево, Јужна Митровица, Пеќ, Ѓаковица, Гњилане и Урошевац), односно со над 150 заразени на 100 илјади жители, се воведува и полициски час, односно забрана за движење на граѓаните од 19 до 5 часот.

Во истиот временски период во овие општини се забранува влегувањето и излегувањето од нив на граѓани и возила, освен за здравствениот, безбедносниот и правниот персонал и за студентите, како и за граѓаните со итни потреби и операторите кои изведуваат јавни работи. Целосната забрана за работа во истиот период се однесува и на угостителските објекти.

Забрана за влез и излез и полициски час нема да има во општините од зоните со среден (76 до 150 заболени на 100.000 жители) и низок ризик (помалку од 75 заболени на 100 илјади жители).

Во овие општини угостителските објекти ќе можат да работат од 5 до 18, односно од 5 до 20 часот (најмалку ризичните), со тоа што по затворањето им се дозволува да работат со достава на нарачки.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравство на Косово секоја недела ги објавуваат бројките на заразени според општини и вршат нивна категоризација според нивото на ризичност.

Со денешната одлука на Владата, на територијата на целата држава се воведува забрана за собирање на граѓаните во групи од повеќе од пет лица на плоштади, во паркови и на јавни места, забрана на јавни собири, вклучително семинари, работилници, свадби и семејни веселби и верски церемонии (освен во кругот на тесното семејство), како и забрана за работа на сите сточни и авто-пазари.

На локалните здравствени центри им се наложува, во соработка со полицијата да ја зајакнат контролата на патниците, пред се со мерење на температурата, на граничните премини, вклучително на меѓунаордниот аеродром во Приштина и на преминот Генерал Јанковиќ (Блаце) на границата со Република Северна Македонија.

Негативен РТ-ПЦР тест за Ковид-19, не постар од 72 часа, е задолжителен за граѓаните од земјите со висок ризик, меѓу кои не спаѓаат земјите од регионот. Од обврската за приложување на тестот се ослободени патниците од тие земји кои ќе ја напуштат земјата низ еден од граничните премини во рок од три часа од влезот во неа.

Во Косово последните недели се забележува видно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот.

Според последниот извештај на ИКШПК, вчера се извршени 1.519 тестирања, од кои како носители на вирусот резултирале 733 лица. Во истиот период се регистрирани чеетири нови смртни случаи на заболени, со што бројката на жртви на епидемијата достигна до 777.

Од појавата на епидемијата вирусот е откриен кај 26.121 од вкупно 111.560 испитаници, а болеста ја совладале 16.499 лица, од кои како излекувани вчера се евидентирани 137 пациенти.

Активни заболени во Косово, според последните официјални информации, се 8.845 лица.

Би можело да ве интересира

Таравари, Фетаи и Ќоку, првата посета надвор од земјава ја остварија во Косово

Маж во Косово почина по семејно насилство: Синот е осомничен дека го претепал

Ховениер: Косово да ги исполни сите свои обврски

Инцидент во Косовска Митровица, двајца прободени со нож по финален натпревар

Пеќ: Ранети се три лица, по напаѓачот е распишана потерница

Горан Наумовски

Припадничка на косовската полиција е пронајдена мртва во куќа во Гњилане