На билатералните средби во Софија Мицотакис ја истакнал клучната улога на Грција во енергетската безбедност

Од:

Справувањето со последиците од енергетската криза, енергетската соработка, како и војната во Украина биле темите за кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис разговарал на одделните средби во Софија со претседателите на Азербејџан, Бугарија и Србија, со премиерот на Романија и со претседателката на Европската комисија, јави дописничката на МИА од Атина.

На билатералните средби на маргините на церемонијата во Софија за почетокот на комерцијалната употреба на интерконекторот за природен гас ИГБ меѓи Грција и Бугарија, Мицотакис ја потенцирал клучната улога на земјата во енергетската безбедност.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на средбата со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, Мицотакис истакнал дека е потребно Унијата да презема драстични мерки за справување со последиците од енергетската криза и ги повторил предлозите на Грција со акцентот на потребата од воведување плафон на големопродажната цена на природниот гас.

Станало збор и за војната во Украина, по вчерашната одлука на Русија и било истакнато дека „ЕУ никогаш нема да ја признае нелегалната анексија на окупираните територии на Украина“.

Мицотакис ја информирал фон дер Лајен и за последните случувања во грчко- турските односи, повторувајќи ја цврстата посветеност кон дијалогот врз основа на меѓународното право, но и решителноста да се брани суверенитетот и територијалниот интегритет на Грција. Паралелно побарал и „одлучна поддршка од ЕУ против агресијата и ревизионизмот на Турција“.

На одделните средби со претседателот на Бугарија Румен Радев, со премиерот на Романија Николае Чука и претседателот на Србија Александар Вучиќ станало збор за билатералните односи, можностите за нивни продлабочување, како и за енергетската соработка.

-На средбите, Кирјакос Мицотакис ја подвлече стратешката улога на нашата земја во енергетската безбедност и снабдувањето на регионот, поради нејзината локација и инфраструктурата што ја развива, а кои стануваат уште поважни бидејќи се чувствуваат последиците од енергетската криза предизвикана од руската инвазија во Украина, информираат од кабинетот на грчкиот премиер.

Важноста на гасоводот ТАП за диверзификација на изворите на снабдување со енергија во Европа и улогата на „Јужниот коридор“ во политиката на Европската унија за зајакнување на енергетската безбедност и промовирање на енергетската „зелена“ транзиција, како стратешка соработка на двете земји, била истакната на средбата на Мицотакис со претседателот на Азербејџан Илхам Алијев.

Грчкиот премиер ја потенцирал „клучната улога што Грција може да ја има во енергетската безбедност и снабдувањето на Балканот и Европа поради нејзината позиција, како со инфраструктурите што ги развива (Ревитуса, Александруполи), така и со заедничките вложувања во кои учествува како мост со Африка“, споменувајќи ја како премиер електричната интерконекција на земјата со Египет.

Во говорот на церемонијата за почетокот на комерцијалната употреба на интерконекторот за природен гас ИГБ меѓи Грција и Бугарија, Мицотакис порача дека потребна е заедничка европска стратегија за справувањето со енергетската криза.

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Би можело да ве интересира

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски