Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини од говорницата на Бледскиот стратешки форум, порача дека регионот на Западен Балкан има европска перспектива и може да се потпре на Унијата.
– Моја лична цел е да видиме реален напредок кај сите шест партнери на Балканот на патот кон ЕУ. Кога ќе бидам кон крајот на мандатот, би сакала тој процес да биде неповратен. Важно е на Балканот да постои глад за иднината и желба да се надминат предизвиците. Тоа е посебно важно за бизнис заедницата и за младите луѓе. Можат да сметаат на нас, порача Могерини.
Таа потенцираше дека Балканот е дел од ЕУ, дека е во Европа, и оти секој партнер на Балканот има европска перспектива, а граѓаните заслужуваат еднакви можности и шанси.
Могерини оцени дека за време на минатогодишниот форум сликата на ЕУ била сосема поинаква – слика на криза и големи проблеми, а денес, според неа, тоа е сосема поинаку.
– Денес гледаме дека потребни сме му на светот. Ние, Европејците, ги надминуваме проблемите, пронаоѓаме решенија и тоа е таа нова реалност, изјави високата претставичка на ЕУ од Блед, каде се одржува стратешки форум, насловен „Нова реалност“.
Зборувајќи за новата реалност и начините на кои со неа треба да се соочиме, Могерини потенцираше дека ЕУ сега е доверлив, силен партнер, фокусиран на единството, кој на кооперативен начин ги решава бројните кризи.
– Ние сме за мултилатерален пристап, но не сме наивни и не сме лаици како политичари. Европејците знаат дека сеопфатните решенија се најдобри, потенцираше Могерини.
Таа како пример за ова ја наведе Северна Кореја, велејќи дека потезите на власта во Пјонгјанг се голема провокација и закана.
Според неа, ЕУ ги споделува вредностите на меѓународната заедница и се залага за денуклеаризација – и тоа не само во Северна Кореја, туку во целиот свет.
– Си играат со оган, а тој оган може да се прошири на цел свет. Прашање е како да се спречи тоа. Нема лесни решенија, мора да се дејствува одлучно, но по дипломатски пат. Ова е момент да се изврши максимален економски и дипломатски притисок врз Северна Кореја, оцени Могерини.
– Тоа што ЕУ е мирољубива, не значи дека е слаба, вели шефицата на дипломатијата на ЕУ, дополнувајќи дека за ова прашање не може да има воено решение и оти тоа е став на цела Европска унија.
Таа уште истакна дека Унијата продолжува да води разговори со Турција.
– Имавме политички дијалог пред месец и половина. Не се согласуваме за се, посебно не за човековите права, но разговорите продолжуваат. Турција е наш партнер и земја кандидат, потенцираше Могерини.
На Бледскиот стратешки форум, кој се одржува денеска и утре под мотото „Нова реалност“, ќе присуствуваат околу 1.000 високи претставници на Обединети нации, на Европска унија и на НАТО, академици, студенти, претставници на бизнис заедницата од над 70 држави. На Форумот ќе присуствуваат и функционери од регионот, вклучувајќи го и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.