Специјалниот пратеник на ОН за поранешна Југославија, Јасуши Акаши денес пред Хашкиот суд како сведок за одбрана на Радован Караџиќ изјави дека по истрагата на ОН за гранатирањето на Маркала, во февруари 1994 година остана нејасно кој ја активираше ракетата на пазарот во Сараево, која според обвинението уби 66, а повреди 140 лица.
Во обвинението стои дека ракатата долетела од територија која била под контрола на Армијата на Република Српска, од насоката север-североисток, додека Акаши рече дека на експертите им било тешко да утврдат од кој правец дошла ракетата.
Акаши нагласи дека балистичките истражувачи на Мешовитата комисија на ОН удврдиле дека само една минофрлачка граната паднала на пазарот, погодила еден предмет и паднала на земјата.
Според нив гранатата можела да биде испалена или од позицијата на босанските Срби или од босанската влада, изјави Акаши.
Тој нагласи дека ниту меѓународните, а ни домашните дипломати во текот на војната во БиХ не биле заинтересирани за спречување на непријателството и дека сите завојувани страни го кршеле примирјето.
Акаши ја потврди тезата за кршење на ембаргото за увоз на оружје, како и за проблемот за разоружување во заштитените зони, како што е Сребреница, што според исказите на Караџиќ било причина да ја заземе Армијата на Република Српска.
Караџиќ во текот на судењето цитираше пасус од Акашиевата книга, во која тој пишува дека како последица на активната воена помош која ја добивале од САД, Германија и од исламските држави, дошло до драстична промена на вкупната рамнотежа во прилог на Хрватска и БиХ, а на штета на Србија.
-Да, тоа е точно – изјави Акаши, одговарајќи на прашањето на Караџиќ.
Акаши повтори дека воздушните напади на НАТО силите, беа закана за мировните договори, кои ги водеше и неговите напори тие да се заклучат, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Караџиќ денес повторно побара на тимот на неговата одбрана да и се дозволи пристап до базата со податоци во обвинителството во Хашкиот трибунал, поради како што наведе, новото кршење на обврската за обелоденување на изјавите на сведоците.
Елена Георгиевска