Хрватска во ЕУ, граѓаните во депресија

Од:

Хрватските политичари овој месец ја одбележаа првата година од членството на оваа земја во Европската унија. Хрватска со звуците на Одата на радоста свечено влезе во Унијата на полноќ на 1 јули 2013 година.

Влезот во таа заедница државната политичка елита со угледни гости од земјите членки на ЕУ и европските институции, со пригодна програма, го дочека на централниот загрепски Плоштад бан Јосип Јелачиќ.

По еден ден, Хрватска продолжи да живее со вообичаеното темпо на секојдневието и така барем според мислењето на нашите соговорници, обичните граѓани на оваа земја, останаа се до денес.

Имено, според нивно мислење, во оваа година во животите на граѓаните не се промени ништо, а ако и нешто се промени, се промени главно кон лошо.

Генерален став е дека на Хрватска членството во ЕУ за сега не донесе ништо добро, невработеноста продолжува да расте, економијата паѓа, се живее полошо, а за тоа не е виновна ЕУ, туку виновни сме самите.

– Живеам полошо, многу полошо, финансиски лошо. Трошоците се зголемија, ратите за кредит за стан исто, поскапе храната. Ништо не можам да заштедам, всушност ми фалат пари, а на работа работам за тројца луѓе. Отказите речиси се секојдневие, постарите вработени се праќаат во пензија, а нови луѓе не се вработуваат, туку нивната работа паѓа на грбот на нас кои се уште работиме. Прекувремените часови се подразбираат – вели 33 годишната Мартина, работничка во една хрватска банка во странска сопственост.
Мартина вели дека планирала да забремени, но поради финансиската состојба морала тоа да го одложи. Се надева дека нема да биде засекогаш, но не гледа крај на тешката состојба.

Пензионерката Мира, пак, се плаши за своето веќе возрасно дете. Смета дека единствено добро што довело членството во ЕУ е поголемата можност за студирање во земјите членки и тоа го гледа како залог за иднината.

Но, се друго што се случува во Хрватска, од стопанството, преку владејачката политика и нејзините алтернативи, до атмосферата во општеството, е се само не европски начин на живот.

Од партиите, посебно од сега владејачката левата СДП, многу е разочарана, а во иднина не гледа никој кој би можел да ја промени таа состојба.
Секој го гледа својот интерес.

Но, вели Мира, за тоа не се виновни партиите, туку хрватскиот менталитет и искривениот систем на вредности.

– Криминал, корупција, секој го гледа само својот интерес и нема никаква солидарност. Мислев дека сепак тоа малку ќе се промени со влезот во ЕУ, но дури сега во вистинско светло се гледа дека ние како народ сме такви. Без оглед на притисоците, така да кажам, од ЕУ, системот на моралните вредности е низок. А поради тоа ни трпи економијата – вели Мира.

Наспроти законодавството усогласено со ЕУ, правната држава, вели Мира, во вистинска смисла на зборот, се уште не функционира.

– Законите се добри, но не се спроведуваат. Бирократскиот апарат е голем и скап, го оптоварува приватниот сектор преку секоја мерка, а не е ефективен. Со таква бирократија не можеме ни да очекуваме странски инвестиции, без кои не можеме да ја покренеме економијата од мртва точка – смета Мира. За 23 годишниот студент Матеј, кој плиткиот студентски џеб го полни така што работи како келнер, некогаш во Загреб, некогаш на приморјето, за некаков важен ментален напредок на подобро, вели тој сеуште е прерано.

Размислување како во комунизмот

Според него, сепак власта, политичките партии и работодавците, т.е. менаџерите, се тие кои треба да го повлечат целото општество кон напред.

Но, и тој е песимист. – Корупција и неспособност. Се додека на функционерите примарна цел им е за себе и своите да обезбедат подобар живот, се додека нивните лични интереси се пред општиот интерес на граѓаните, ништо нема да има од сето тоа – вели Матеј, иако потенцира дека смета дека корупцијата можеби малку е намалена.

Крунослав е роден во Загреб, но веќе 23 години живее во Виена, каде завршил и студии. Смета дека на Хрватска членството во ЕУ и отвара перспективи.

Но, како што сметаат и нашите други соговорници, перспективата ќе се оствари само ако граѓаните го променат начинот на функционирање.

– Не кочи тоа што во Хрватска се уште се однесуваме како да сме во комунистичкиот систем, навикнавме се да доаѓа без оглед на тоа колку работиме. Ние сме талентиран народ, но се сакаме без труд. А без жртви, без оглед на талентот, нема ништо – вели 42 годишниот Крунослав.

Луѓето, забележува тој, се разочарани, посебно младите кои се повеќе ја напуштаат или сакаат да ја напуштат земјата и да отидат некаде со надеж за подобар живот.

Иако ги разбира, тоа го смета за лошо, бидејќи без нивната активност и инсистирање на промеи состојбата нема наскоро да се подобри.

Разочарувањето кочи во делувањето, а тоа вели тој, води до малодушност и тогаш се влегува во опасен маѓепсан круг од кој тешко може да се најде излез. На тоа дополително придонесува и недостиг на визии, вели тој.

Маријан е 43 годишен сопственик на автомеханичарска работилница од Загреб и не бил за влез на Хрватска во ЕУ.

Смета дека хрватското општество со менталитетот е поблиску на некои други подрачја отколку до Европската унија. Според него, Хрватска својата иднина, во стопанска смисла, треба да ја бара во соработка со земјите од Балканот.

Се насмеа, потсетувајќи се на еден од бенефитите кои ги наведе хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, тој дека хрватските граѓани сега во земјите членки на ЕУ можат да патуваат само со лична карта.

– И претходно во тие исти земји можевме да патуваме, но со пасош. Документ како документ, сеедно е со кој документ патувам – вели Маријан.

Ни Маријан не смета дека со влезот во ЕУ нешто се променило. А една работа и тоа како мораше да се промени дури и пред самиот влез – вели тој.

– Работењето на банките. Сметам дека не работат според правилата според кои работат во матичните земји. Во Германија кредити се даваат под поповолни услови. Тоа требаше да се реши и пред влезот во ЕУ – вели Маријан.

Одговорност и на работодавците

Медицинската сестра Сандра, 40 годишна мајка на две деца, проблемот повторно го враќа во самото општество.

– Снобови сме. Луѓето сакаат во ЕУ, но не сфаќаат некои работи. Во Хрватска работиш како коњ и платен си никако. Во многу други држави земји членки работиш многу, но за тоа и пристојно си платен. Но, луѓето заминуваат од Хрватска во тие земји, а потоа се враќаат и велат дека тоа таму било искористување, иако биле подобро платени за поголема работа за разлика од дома. Всушност е обратно, искористувањето таму не е толку големо, туку тука во Хрватска – вели Сандра.

Смета дека и работодавците во сето ова сносат голема одговорност. Според неа, додека остваруваат профит кој ги задоволува нивните потреби, не им паѓа на ум да направат дополнителен напор за да придонесат за растот на хрватското стопанство, стандард и намалување на невработеноста.

Но, некои проблемите на Хрватска, во контекст на членството во ЕУ, ги гледаат од друга перспектива. И тоа не само тие со недоволно искористување на пари од нејзините фондови, што сите наши соговорници го наведоа како недоволно искористен ресурс, како што велат и неспособноста на владејачките структури.

Фран, 54 годишен инженер по електротехника, смета дека Хрватска сопствениот пат кон напредок треба да го бара поради самата политичка природа на работите.

Само поевтино телефонирање

– Големите корпорации и големите нации, но во прв ред корпорациите и моќните лобија, работат за свои интереси, кои не се во согласност со интересите на граѓаните на Хрватска, но ни со интересите на граѓаните на другите земји членки. ЕУ не е самостојна во спроведување на стопанската и секоја друга политика во однос на корпорациите, банкарските и другите моќни финансиски системи и мора да бидеме свесни за тоа – заклучува Фран.

И додека министерката за надворешни работи и потпретседателка на владата Весна Пусиќ на првата годишнина од влезот во ЕУ наброја, според неа, многу предности од членството, а претседателот Иво Јосиповиќ и премиерот Зоран Милановиќ покрај тоа потенцираа дека без оглед на тие предности проблеми и тоа како се уште има и дека тоа не може да се промени за една година, хрватските граѓани главно се согласуваат во која насока можат да покажат со прст ако се прашаат што конкретно се променило – поевтиното телефонирање.

Но, само во земјите на ЕУ. Убаво, велат тие, но не е баш нешто многу.

Ал Џезира Балкан – Сараево

Би можело да ве интересира

Хрватска доби нова влада, Пленковиќ по трет пат стана премиер

Несреќа во Хрватска, загинаа четворица мигранти

Горан Наумовски

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

ВИДЕО: Над 20 бродови изгореа во големиот пожар во пристаништето Медулин

Во каменолом во Хрватска несреќно загина работник

19 ранети граѓани на Украинa пристигнаа на лекување во Хрватска со авион