Обвинителството на Хашкиот трибунал денеска побара укинување на одлуката за привремено пуштање на слобода на Воислав Шешељ, под образложение дека неговото однесување по враќањето во Србија ги поткопува основите за привременото солободување.
Обвинителството, исто така, побара, по враќањето на Шешељ во Хаг, под итно да закаже расправа за разгледување на неговата здравствена состојба и условите за неговото евентуално пуштање на слобода во иднина и утврди дали тој е подготвен да се приддржува до таквите услови.
Во образложението на барањето на Обвинителството се наведува дека однесувањето на Шешељ по враќањето во Србија ги поткопува основите на одлуката за привремено пуштање на Шешељ, која Судскиот совет ја донесе на 6 ноември.
При донесувањето на одлуката за привремено ослободување на Шешељ, Судскиот совет „стриктно постапил врз хуманитарни основи“, со образложение дека добил доверливи информации кои укажуваат на „влошување на здравствената состојба на обвинетиот“, се наведува во поднесокот.