Хашкиот трибунал објави денеска дека ги затвора теренските канцеларии во Загреб и Приштина. Одлуката е донесена во согласност со стратегијата за завршување на мисијата на Меѓународниот суд за воени злосторства извршени на подрачјето на поранешна Југославија.
Канцелариите на Хашкиот трибунал во Белград и Сараево остануваат отворени за да продолжат да даваат поддршка за работата на Трибуналот.
Главниот судија на ICTY, Теодор Мерон ја пофали работата на канцелариите во Загреб и Приштина укажувајќи дека „вработените во двата оддела со години работеле со најголема посветеност и давале значајна поддршка за работата на Трибуналот“.
Теренските канцеларии блиско соработуваа со цивилниот сектор, жртвите на војната, претставниците на медиумите, правните субјекти и комплетната јавност за давање точни податоци за работата на Трибуналот.