Судскиот совет на Хашкиот трибунал кон средината на следната недела, поточно на 29 мај, ќе ја изрече пресудата за шестмина поранешни воени и политички лидери на т.н. „Херцег Босна“, јави Анадолија.
Поранешниот премиер на т.н. „Херцег Босна“, Јадранко Прилиќ, командатите на Хрватскиот совет на одбрана (ХВО) Слободан Праљак и Миливој Петковиќ, министерот за одбрана на „Херцег Босна“ Бруно Стојиќ, командантот на Воената полиција Валентин Ќориќ и претставникот на канцеларијата на ХВО за размена на заробеници, кој беше одговорен и за озлогласените логори, Берислав Пушиќ се обвинети за злосторства врз Бошњаците и друго нехрватско население од 1992 до 1994 година во Херцеговина и средна Босна.
Доколку Прилиќ и останатите бидат прогласени за виновни, Хрватска би можела да биде прогласена за агресор врз БиХ, имајќи предвид дека Прилиќ и останатите се товарат дека дејстувале во „здружен злосторнички потфат“ заедно со починатиот хрватски претседател Фрањо Туѓман и поранешниот министер за одбрана на Хрватска Гојко Шушак, а со цел одвојување на делови од територијата на БиХ и нивно припојување кон Хрватска.
Според обвинението целта била „политички и воено да се потчинат, трајно да се отстранат и етнички да се исчистат босанските муслимани и другите нехрвати од подрачјето на „Херцег Босна“, односно од просторот на Херцеговина и средна Босна.