Обвинителите на Меѓународниот трибунал на ОН за воени злосторства во поранешна Југославија, велат дека поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ треба да биде осуден на доживотен затвор, ако биде прогласен за виновен по голем дел од обвиненијата.
Во писмена изјава во која го сумира своето видување на процесот на Караџиќ, обвинителството го нарече Караџиќ „водечки политички и воен лидер на босанските Срби и нивните сили“, за време на војната во БиХ од 1992-1995.
Пред Хашкиот трибунал во понеделник, 29 септември, ќе почне изнесување на завршните зборови на судењето на Караџиќ. Процесот почна со воведно обраќање на обвинителството на 26 мај 2009, но по отпорот на обвинетиот, првиот сведок на обвинителството е сослушан дури на 13 април 2010.
Караџиќ (69) е обвинет за геноцид во Сребреница, за прогон на муслимани и Хрвати ширум БиХ, тероризирање на населението на Сараево со кампања на артилериски и снајперски напади и земање за заложници „сини шлемови“ на ОН.
Хашкиот трибунал на 25 јули 1995 година го покрена првото обвинение против Караџиќ и Ратко Младиќ, кое имаше 16 точки, од кои едно за геноцид, а три за злостроства против човештвото.