Денеска се одржа шестата по ред Меѓународна изложба на мачки, во белградскиот саем. Изложени беа 22 раси, но најмногу внимание привлече расата Мејн Кун и голокожните мачки.
Расата Мејн Кун, е една од најголемите мачки, кои можат да пораснат до еден метар должина. Поголемиот дел од посетителите на момент помислувале дека во кафезот некој ставил куче, известува „Блиц“.
„Никогаш не сум видела таква мачка. Мене ме потсетува на новороденче на некоја дива мачка и навистина ми е фасцинантна. Ова е прв пат да дојдам на изложба, а сум голем љубител на оваа врста животни. Навистина сум воодушевена“ вели Анкица В, која ја посетила изложбата заедно со нејзините другарки.
Друга популарна раса е и Света бурманска, која името го добила по верувањето дека во нив живее душата на бурманските свештеници. Препознатлива е по природно плавите очи.
Според организаторите, целта на оваа изложба е граѓаните да се запознаат со повеќе раси на мачки.