Европските парламентарци бараат Србија да го екстрадира Милан Радоичиќ на Косово

Од:

Пратениците во Европскиот парламент договорија нацрт резолуција за последните случувања во дијалогот меѓу Србија и Косово, вклучувајќи го и вооружениот напад во Бањска за кој одговорноста ја презеде Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа. За овој документ пратениците ќе расправаат утре, кога треба и да го усвојат. Клучното барање е да се преземат мерки против Владата на Србија доколку се утврди дека била директно вмешана во „терористичкиот напад во Бањска“ и дали била вмешана во насилствата на северот на Косово во мај годинава.

Од српските власти се бара да го екстрадираат Милан Радоичиќ на Косово.

Во финалниот нацрт на резолуцијата, до која српската телевизија „Nova.rs“ имаше пристап, се повикува на деескалација на конфликтот на северот на Косово, а Србија целосно да соработува во истрагите.

ЕП бара Србија да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за нападот кои се наоѓаат во Србија. Ова пред се се однесува на Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, кој ја презеде одговорноста за вооружениот напад. Европратениците бараат Србија да го екстрадира Радоичиќ на Косово.

Во резолуцијата беа предложени мерки кои треба да бидат усвоени против Србија доколку таа не одговори на барањата на ЕУ.

Предлогот е да се преземат мерки против Владата на Србија доколку истрагите откријат дека државата Србија била директно вмешана во терористичкиот напад во Бањска или во насилните напади што се случија на северот на Косово во мај 2023 година.

Предвидени се и санкции доколку „српските власти не се подготвени целосно да соработуваат“.

Тие ја повикуваат ЕК да усвои насочени рестриктивни мерки и наведуваат: „вклучувајќи, но не ограничувајќи се на замрзнување на имотот и забрани за патување, против дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал“.

Во нацрт-резолуцијата, членовите на ЕП го осудуваат военото трупање на српската армија на границата со Косово, но „го земаат предвид повлекувањето на дел од нејзините војници од границата со Косово и ја повикуваат Србија да се воздржи од оваа повторлива шема на ескалација во иднина“. Исто така, ја повикува Србија да ги повлече сите напредни воени бази лоцирани во близина на границата со Косово и опрема, вклучително и противвоздушни системи и тешки артилериски единици, и да се воздржи од какво било непропорционално воено распоредување во областа во иднина.

Европратениците, исто така, остро ги осудуваат насилните напади во мај 2023 година врз војниците на КФОР, косовски полицајци и новинари и го повикуваат КФОР да воспостави план за задржување на северот на Косово со цврсти елементи кои можат да дејствуваат како одвраќање во случај на натамошна ескалација. ЕП, исто така, во овој документ „силно ја поздравува одлуката на НАТО да го опреми КФОР со потешко оружје со цел да има поголема борбена моќ“.

Резолуцијата признава дека Србија одбележа национален ден на жалост во чест на сите жртви, но „длабоко жали што тројцата загинати терористи се прикажани како херои кои се бореле за српската кауза, што како резултат силно ги зголемува политичките тензии во регионот“.

Пратениците во Европскиот парламент наведуваат дека српските власти не сакале да соработуваат во истрагата за случајот Бањско, а потоа споменуваат пропаганда, глорификација, политичка поддршка, мек однос кон организаторите и извршителите на нападот, па дури и обезбедување на засолништа. Тие бараат истрага за сите етнички напади низ Косово, вклучително и за нападите на мостот во Бистрица и Штрпац на православниот празник Бадник.

Во нацрт-резолуцијата понатаму се наведува дека ЕП ја поддржува нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово и го повторува повикот Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со вера и во духот на компромисот со цел да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите.

извор: Нова.рс

Би можело да ве интересира

МНР: Реагиравме до Европскиот парламент и грешкта е коригирана

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Фон Крамон: Киев ќе ги добие ветените 50 милијарди евра

Европскиот парламент изгласа резолуција против Србија

Дачиќ: Ако Србија реши да војува, на Косово нема да му помогнат ниту милион „Џавелини“

Катерина Ѓуровски