Истражување на група професори со нивните студенти и асистенти од државниот универзитет на Аризона (АСУ) покажаа дека во отпадните канализациски води се кријат големи количества на скапоцени метали, како злато, платина, паладиум и сребро, кои би можеле дури и комерцијално да се експлоатираат.
Научниот труд објавен од овој тим во најпрестижното списание од областа на технологијата за заштита на животната средина „Environmental Science and Technology“, го привлече вниманието и на најгледаната американска телевизија Фокс, поради тврдењето дека град со милион жители годишно испушта отпадни води кои содржат метали вредни 13 милиони долари, од кои 2,6 милиони отпаѓаат на злато и сребро.
Тимот научници од Аризона извршиле серија анализи на отпадните води и активната мил, што се добива како резултат на нивното пречистување, и утврдиле дека присуството на овие метали се должи на индустриските и комуналните процеси, но и на загубени парчиња златен накит. Во научниот труд е наведен примерот на префектурата Нагано во Јапонија која ги обработува своите отпадни води при што годишно издвојува околу два килограми злато.
Предводникот на тимот, професор Пол Вестерхоф, за списанието „Наука“ вели дека големото прашање е дали овие процеси би можеле да се направат да бидат комерцијално исплатливи, што би помогнало и во заштитата на животната средина.
Причината за ова е што околу 60 проценти од фекалните материи во САД се користат како ѓубриво, што со себе влече и опасност од ширење на тешки метали и патогени бактерии во синџирот на исхрана.
Од таа гледна точка, комерцијално исплатливо горење на фекалиите би можело да биде похигиенско.
Еден од авторите на трудот е и др. Кирил Христовски, професор на државниот универзитет на Аризона со македонско потекло. Во изјава за МИА, професорот Христовски вели дека тимот веќе работи на развивање на технологии кои би овозможиле екстракција на благородните метали и други материи со комерцијална вредност преку методи кои не би ја загадувале животната средина.