Светската здравствена организација (СЗО) повика на будност, откако во Велика Британија беше утврден нов случај на зараза со новиот коронавирус, близок до ТОРС (Тежок остар респираторен синдром), што е 12-ти регистриран во светот, пренесоа француските медиуми.
Имајќи ја предвид актуелната ситуација и постоењето на малку информациии, СЗО ги повика сите земји членки да продолжат да ја следат појавата на ТОРС и грижливо да го истражат секој необичен симптом, посочи организацијата во коминике.
Британските здравствени власти во петокот соопштија дека го откриле новиот коронавирус кај Британец од истото семејство, во кое минатата недела беа регистрирани два случаја. Животот на новиот пациент не е во опасност, прецизираа тие.
Иако новиот случај покажува знаци за пренесување на коронавирусот од човек на човек, нема податоци за широко распространување од овој тип, уверува здравствената организација.
СЗО препорачува да се следи присуството на новиот коронавирус кај пациенти со пневмонии со нејасно потекло или кај пациенти кои страдаат од непознато остро респираторно заболување со компликации и кои не реагираат на лекувањето.
Новиот коронавирус досега е откриен кај петмина пациенти во Саудиска Арабија (тројца од нив починаа), двајца во Јордан (и двајцата починаа), четворица во Велика Британија (Катарец, кој се лекува, и три лица од едно семејство, од кои двајца се во болница) и еден во Германија (Катарец, кој веќе е пуштен од болница).
Коронавирусите се дел од големото семејство вируси, одговорни како за обичната настинка, така и за ТОРС, кој во 2003 година предизвика епидемија од „атипична пневмонија“, која го одзеде животот на 8.000 лица низ светот.
Новиот коронавирус за прв пат е идентификуван во септември минатата година кај пациент, кој почина во јуни истата година од остра респираторна инфекција.