Властите на Свазиленд усвоија Закон за авијација со кој се опфатени и вештерките на метли, јави британскиот сајт „Метро“. Законот пропишува казна од 500.000 јужноафрикански ранди (околу 40.000 евра) за вештерки кои на метли ќе летаат на висина поголема од 150 метри.
Според зборовите на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Сабел Дламини, метлите спаѓаат во транспортно средство потешко од воздухот.
– Вештерка на метла не смее да лета над 150 метри, изјави Дламини за локалните медиуми. Според овој Закон таа граница не смее да ја минат ниту играчките, што се змаевите и леталата на далечинско управување.
Законот е донесен откако еден приватен детектив е фатен со играчка -хеликоптер опремен со камера. Иако не е најјасно дали Дламини се шегувал, во Свазиленд вештерството сериозно се сфаќа и многу луѓе веруваат во моќта на црната магија.
Голем број албино деца изминатите години се жртвувани во оваа земја во ритуални обреди.