Апелацискиот суд од Цирих му нареди на еден сопственик на 27 млечни крави да им ги вади ѕвонците во текот на ноќта поради „преголема врева“.
Оваа одлука го принудува швајцарскиот одгледувач на млечни крави, по барање на соседите, да им ги вади традиционалните ѕвонци-клопотарци од 22 часот навече, па до 7 часот изутрина.
Ливадата на која пасат неговите крави е во непосредна близина на селото и соседите повеќе не можеле да спијат од непрестаното тропање на ѕвонците. Нивната прва жалба била поднесена пред четири години, а Апелацискот суд само ја потврди првата пресуда.
Според жалителите, звукот од ѕвонците е силен и на 80 метри оддалеченост и нивното користење е бесполезно со оглед на тоа што кравите се наоѓаат во оградена ливада.
Сопственикот на кравите сега може да се жали до Врховниот суд на Швајцарија, за да побара дозвола неговите крави да носат ѕвонци и во текот на ноќта.
Во Франција имаше слични судења, со кои новите жители на селата бараа да запрат пеењета на петлите или биењето на црковните камбани во текот на ноќта кога го означуваат часот.