Радомир Ќирковиќ (57) од Стара Пазова во Србија наиде на апсурдно барање, пренесува Блиц.
Надлежните побарале сам себе да си издаде согласност со која се потврдува дека себе си си дозволува градење куќа на својата парцела. Неговиот одговор се проширил на социјалните мрежи со молњевита брзина и добро го насмеа регионот. Блиц објави дека инспекторката поради одговорот му се заканила со тужба поради вреѓање на општината, а тој и одговорил дека тој ќе ги тужи поради навреда на интелегенцијата.
Еве ја во целост неговата согласност:
– Јас, Ќирковиќ Радомир од Стара Пазова, „Јанко Чмелик“ 25, му давам согласност на Ќирковиќ Радомир од Стара Пазова, сопственик на семејна куќа изградена на улицата „Јанко Чмелик“ 25 во Стара Пазова на катастарска парцела број 2504 да може да ја легализира семејната куќа. Согласноста е неопходна затоа што куќата се наоѓа на оддалеченост помала од 0,5 метри од парцелата број 2503/2, чиј сопственик сум јас.
Ние двајца имаме исти родители, но не сме браќа и по карактер сме многу различни. За да можете да го сфатите ова што сега го пишувам, јас, Ќирковиќ Радомир, сопственик на парцела 2503/2 во понатамошниот текст ќе бидам ЕГО, а Ќирковиќ Радомир сопственик на куќа и парцела 2504 ќе биде АЛТЕР ЕГО.
Ние двајца во 1990 година донесовме заедничка одлука да правиме куќа на улица Јанко Чмелник 25, со тоа што веднаш се договоривме дека ЕГО ќе биде сопственик на парцелата 2503/2, а АЛТЕР ЕГО сопственик на парцелата 2504. Тоа што јас, ЕГО, дадов повеќе пари за плацот од АЛТЕР ЕГО можеби не треба сега да го спомнувам, но тоа е посилно од мене и морам да кажам.
АЛТЕР ЕГО одлучи да прави куќа и додека јас бев на одмор тој ги поставил темелите на половина метри од една липа која беше на границата на нашите парцели. Таа липа ја засадивме заедно на меѓата, за подеднакво да ни мириса и нему и мене. Навистина, купивме машка липа, таа има цвет како женската, само не мириса. Како што старее се појави и мирис па сега мириса како женска, најверојатно со годините преовладале овие женски хормони, отприлика како и кај нас двајцата.
Ние убаво се договоривме каде ќе биде куќата и тој ја искористи мојата отсутност и направил што сакал. Кога се вратив од море јас инсистирав темелите да се поместат, но жената и децата на АЛТЕР ЕГО ме молеа да се откажам од таа намера и јас попуштив. А да направеше како што се договоривме сега мојата согласност не би ни требала.
АЛТЕР ЕГО има приватна работилница и секој ден е на работа, а јас останувам дома и ја одржувам таа моја парцела, косам трева, садам цвеќиња и уживам во зеленилото. Тој инсистира тревата да се коси еднаш неделно и редовно да се наводнува. На таа негова парцела каде му е куќата има исто така зелени површни кои тој поради работа не стигнува да среди, па се договоривме секогаш кога ќе ја покосам неговата трева тој на мене да ми купи две пива. Јас му реков дека тоа е малку, а тој ми вели дека не може повеќе да ми плати, дека жената му е пензионер, дека помладиот син оди во училиште и се уште не работи, дека има трошоци околу куќата. Тој има уште еден син кој работи, а додека тој студираше добивав само едно пиво.
Додека ја пишувам оваа согласност, ми дојде на ум една одлична идеа. АЛТЕР ЕГО треба да оди во пензија за две години. Нема да може да оди во пензија додека јас не му дадам согласност. Ќе ми се жали дека пензијата му е мала и дека не може да купи две пива за косење. Не е тоа косење како што тие косат на фудбалските стадиони. Онаа негова жена засади некои дрвја и грмушки и кога некој ме гледа како косам ќе помисли дека скијам слалом. Ќе му дадам јас согласност за пензија, но и тие две пива ќе ги ставам во договорот. И тоа убаво ќе го завериме на суд за да се почитува.
Се распрашав јас на суд дали може ЕГО да му даде согласност на АЛТЕР ЕГО, рекоа дека може, дека тоа не е така често, но може. Таксата ќе мора тој да ја плати. Можеби јас неморав сето ова да го напишам, што му е грижа некому какви се односите меѓу над двајцата, но малку ми е полесно. Се надевам дека ќе ја прифати оваа моја согласност во врска со таа негова куќа, нека ја легализира таа куќа, а и ред е веќе еднаш во Србија да се знае што е чие и се да биде според закон, како што е во светот.