Американската Национална агенција за безбедност НСА собира милиони фотографии од луѓе преку меѓународната мрежа за надзор, за да ги користи во програми за препознавање на лица, откриваат новите тајни документи кои ги обелодени најпознатиот и најбараниот светски шепкач Едвард Сноуден.
Според пишувањето на Њујорк Тајмс во текст кој го потпишува Лаура Поитрас, единствена новинарка која освен Глен Гринвалди имала увид во телеграмите на НСА – таа шпионска агенција користи фотографии од меилови, текстуални пораки, од социјалните мрежи, видео конференции и други комуникации.
НСА дневно може да пресретне милиони слики, од кои во просек 55.000 се доволно квалитетни за да се користат во современи програми за препознавање на ликови.
Раша тудеј коментира дека овие нови откритија за начините на кои американската разузнавачка агенција собира податоци, претставуваат уште еден чекор кон застрашувачкиот орвеловски ноќен кошмар.
Последните откритија од колекцијата на документи на Сноуден со ознака строго доверливо, докажуваат дека НСА не ја интересира само собирање на т.н. мета податоци од глобалните комуникации, туку и фотографии кои ќе дадат лице на потенцијални терористи и други евентуални непријатели на американската влада.
Портпаролката на НСА Вејни М. Вајнс тврди дека таа агенција не собира фотографии од лични документи на Американци, на пример од возачка дозвола или од пасош, но одбива да одговори дали НСА има пристап до фото архивата на Стејд департментот, во која се чуваат фотографии на странци кои аплицирале за американска виза.
Исто така одби да одговори дали шпионската агенција фотографиите ги собира преку социјалните мрежи, како Фејсбук и Инстаграм, што не би било ни тешка задача, со оглед на тоа дека милиони луѓе на мрежите поставуваат многу селфи фотографии.
За собирање на фотографии на Американци, според законот НСА мора да има судска дозвола, каква што е потребна и за читање на меилови или прислушкување на телефонски разговори, потсетува и портпаролката. Сепак, постојат исклучоци, ако Американец праќа меил или порака со фотографија на некој кој во странство го следи НСА.
Здруженијата за заштита на човековите права и граѓански слободи изразија загриженост поради фактот дека моќта на технологијата, во рацете на владите и корпорациите, може да има катастрофално влијание на приватноста.
Истражувачот на технологијата за препознавање на лица Алесандро Аквисти, од Универзитетот Карнеги во Питсбург вели дека и денес постојат технички ограничувања на тие програми, но дека секој ден се се понапредни, додека истовремено расте базата на податоци.
Програмата за препознавање на лица на НСА, направи револуционерен исчекор во 2010 година, кога успешно беа поврзани две бази на податоци, општата база на НСА и посебната владина база со листа на терористи.
РТ наведе дека НСА во меѓувреме ангажирала посебни аналитичари кои се бават со идентификација врз основ на фотографии и истите ги поврзуваат во база на податоци со останатите достапни информации.
Освен на својата технологија, НСА делумно се потпира и на комерцијално достапната технологија за препознавање на лица, вклучувајќи ги тие кои нуди Пит Пет, компанија во сопственост на Гугл, стои во обелоденетиот документ.
Моќта на препознавање на лица очигледно оди и понатаму од собирање на селфи и вклучува и географски позиции кои се фотографирани од сателит.
Така едно појавено досие од НСА од 2011 година покажува фотографии на неколку мажи кои стојат на брег. Со употреба на технологијата за препознавање на лица, НСА успеала да го препознае нивното опкружување, споредувајќи го со сателитски снимки од истиот временски интервал.
Во документот се наведува дека фотографијата прикажува база за обука на милитанти во Пакистан.
Според информациите кои протекоа порано во февруари и британската шпионска агенција GCHQ која соработува со НСА, пресретнувала и собирала фотографии од веб камери, вклучувајќи значајни количини на сексуално експлицитни содржини, со над 1,8 милиони Јаху налози ширум светот, пишуваше тогаш Гардијан.
Меѓутоа, таблоидот Дејли мејл пишува дека алгоритмите за препознавање на лица кои ги користи НСА до сега постигнувале различни резултати, па дури се случувало да замени некое лице со туѓо, иако сличноста на двете лица е незабележителна.
Танјуг – Белград