Познатиот американски рапер DMX, кој неколку дена беше во критична состојба откако доживеа срцев удар по предозирањето со дрога, починал на 50-годишна возраст, јавија американските медиуми.
Ерл Симонс, како што беше неговото вистинско име, имаше низа здравствени компликации по предозирањето на 2 април и се бореше за живот.
Дел од неговите 15 деца го посетуваа во болницата изминатите денови, а лекарите и неговото семејство денеска објавија дека починал.
DMX пораснал во Њујорк, а во 1992 година потпишал договор со издавачката куќа „Колумбија“, по што направи забележителна кариера, соработувајќи со познати имиња од рап музиката како Џеј Зи, Џа Рул и ЛЛ Кул Џеј. Тој имаше и актерска кариера и се појави во неколку филмови во 90-те.