Суд во Дизелдорф денеска донесе одлука дека еден страстен пушач мора да го напушти станот во кој живее веќе 40 години, затоа што неговите соседи покренале жалба во која се наведува дека им пречи чадот од цигарите.
Фридхелм Адолфс (75) мора да го напушти својот стан во Дизелдорф до крајот на годината, се наведува во пресудата.
Во пресудата стои дека самото пушење не дава доволна основа за станарот да биде исфрлен од зградата, но тој не го проветрувал станот на соодветен начин и не ги фрлал отпушоците па поради тоа миризбата од цигарите се ширела во заедничките простории.
Во 2012 година соседите на неколку наврати вербално го предупредиле пензионерот, но тој не превземал никакви мерки.
Адолфс се уште има право да поднесе жалба во судот со што ќе го спречи исфрлањето.
По 95-годишниот поранешен канцелар Хелмут Шмит, кој е познат по тоа што пали цигара една по друга, дури и кога гостува на телевизија, Фридхелм стана вториот најпознат пушач во Германија.