Сопругата на малезискиот премиер Наџиб Разак, 63-годишната Росмах Мансор деновиве долеа гориво за повторно да го поттикне бранот критики на сметка на нејзиниот снобизам и големите трошоци за купување на накит и скапа гардероба.
Првата дама на Малезија изјави дека ја загрижува тоа што нејзините стилисти и дизјанери ги зголемуваат цените на своите услуги.
Според госпоѓата Мансор, таа требало да плати 1.200 малезиски рингита (околу 400 долари) за фризерски услуги и 500 рингита за дизјанерски.
Првата дема на земјата по се изгледа заборавила дека ваквата изјава ќе покрене бран негодување во јавноста, бидејќи во Малезија за најголем број семејства ова се суми со кои можат да ги покријат сите трошоци за живот во текот на еден месец. Загарантираната минимална плата во Малезија е 300 долари.
Изјавата пак е тема и на остри и потсмевливи коментари на социјалните мрежи, а многумина граѓани на своите постови ги копираат текстовите на „Њујорк Тајмс“ од почетокот на овој месец во кој документирано се објавени податоци, според кои, во САД сопругата на малезискиот премиер потрошила милиони долари за накит.
По текстовите во „Њујорк тајмс“ кабинетот на премиерот Разак соопшти дека не сака да ги коментира „недоволно проверените тврдења“ во текстот, иако угледниот њујоршки весник објави и документација за доказ на своите пишувања.
На 16 февруари полицијата во Куала Лумпур заплени стрип во кој се прикажувал расипничкиот стил на живеење на првата дама на Малезија. Сатиричната содржина на запленетиот стрип имала и податок дека во кругот на првата дама на Малезија имало и обложување дали госпоѓата Росмах Мансор ќе успее да ја достигне сопругата на насилно сменетиот филипински диктатор Маркос, Имелда, позната по прескапата колекција дијаманти и шестте илјади чифта чевли.