Македонски производители на пиво во домашни услови утре организираат собир во Битола.
На овој прв мини пиво-фест ќе бидат претставени 10 видови пиво. Настанот почнува напладне, во 12 часот, а предвидува правење пиво во живо, дегустација и дискусија со производителите.
За попладне, во 18 часот, е закажана проекција на филмот „Пивска култура“.
Организатор е задруга „Артикултура“ со поддрша на порталот „Сакам пиво мк“ кој ги промовира пивската култура во земјата, домашните производители и фејсбук групата „Домашно пиварство Македонија“.
– За овој прв настан е предвидена дегустација на пиво од шест производители, тројца од СКопје и тројца од Битола. Секако, ова ќе биде и јавен повик до сите што се заинтеерсирани за ова прекрасно хоби кое бара многу љубов и посветеност, вели за МИА сопственикот на „Сакам пиво мк“ Марјан Костадиновски.
Според него, пивата произведени во домашни услови се во мали серии, поради што и дегустацијата ќе биде лимитирана, а ќе чини симболични 50 денари.
– Целта е да се поттикне културата на дегустирање на овој древен пијалок и да се стимулира поинаков пристап, на повисоко ниво. Сакае и можеме и ние да се вклучиме во крафт пивската индустрија што го зафати речиси целиот свет, додава Костадиновски кој низ насмевка додава дека консумирањето пиво во умерени количини е добро за здравејто.
Сличен настан ќе се организира и во Скопје, до крајот на годинава.