Петок 13-ти, датум кој многумина го сметаат за ден кога се случуваат лоши нешта, за некои Чеси навистина е баксузен, јави дописникот на МИА од Прага.
Според статистиката на осигурителната компанија „Генерали“, кога датумот 13. ќе се падне во петок, вработените на своите работодавачи им причинуваат речиси три пати поголема штета од вообичаено, односно ако тогаш такви случаи има 42, во обичните денови тоа се случува седумнаесет пати.
Баксузноста на „Петок 13-ти“ ја потврдуваат и евидентираните случаи на скршени ветробрански стакла на автомобили. Додека во просек во обичните петоци се регистрираат 25 скршени предни стакла, на „несреќниот ден“ тоа се случува два пати повеќе.
Слични статистики има и за сообраќајките, односно на „Петок 13-ти“ се случуваат во просек 35 судари додека во нормалните петоци тој број е околу дваесет и седум.
Од друга страна тогаш се регистрирани за половина помалку кражби на автомобили, што може да доведе до заклучок дека и крадците се суеверни и тој ден го избегнуваат.
– Кај осигурените возила, обично петоците се поризични бидејќи има повеќе возачи сметајќи ги и оние кои тоа го прават само во викендите. Луѓето брзаат, мислат на викендот, не се концентрирани и затоа се случуваат несреќи, објаснува портпаролот на компанијата за осигурување „Кооператива“ Милан Кања, покажувајќи дека не верува дека постојат добри и лоши денови во годината.