Во организација на Македонско-германското стопанско здружение и Германската стопанска комора во Македонија синоќа во Скопје беше отворен 10. „Октоберфест“.
Фестивалот беше отворен на традиционалниот начин на кој се отвора и „Октоберфест“ во Минхен, односно со дрвен чекан беше пробиен чепот на првото буре со пиво, а со изреката O’zapft is“ (тапата е отворена).
На отворањето присуствуваа заменик-амбасадорот на Германската амбасада во Македонија, Марко Акватичи, директорот на Германската-стопанска комора Мартин Кнап и директорот на компанијата „Феникс Фарм“, Владимир Дренковски.
– Октоберфест“ се слави веќе 200 години во Минхен и на овој настан доаѓаат шест милиони посетители. Особено ми е мило дека прославата на Октоберфест во Скопје прерасна во една традиција и кога ќе се сетам на нашиот прв Октоберфест, каде што поздравивме само 150 гости и 10 години подоцна, кога сме домаќини на 1.600 гости, убеден сум дека успеавме да ја пренесеме оваа германска традиција и автентична Октоберфест атмосфера во Скопје, изјави директорот на Германската-стопанска комора Мартин Кнап.
Германскиот амбасадор во Македонија оцени дека одржувањето на овој фестивал не е од големо значење само Градот Скопје, туку и за соработката на економски и на културен план меѓу двете држави.