Кон крајот на 80-тите на шалтерите на матичните канцеларии гужви правеа лица со имиња Југослава, Совјетка, Волга, Сутјеска, Стаљинка и по некоја Тракторка. Во почетокот на 90-тите ги заменија Слободан, Стева и Александра, а овие денови ни Гордана повеќе името не го носи гордо, па сака да се вика Ванеса, а Вјекослав поднел барање да го промени името во Стефан.
Усогласување со катастарот
Овој кус преглед на трендот во промена на имињата на Хрватите е добар показател на социјалните настани во изминатите 30 години. Не е тешко да се најде оправдување за промената на некои ригидни социјалистички имиња, па ни тие кои тешко се носеле во текот на воените настани. Но, што да се каже кога трендот ќе се сврти и хрватските имиња почнуваат да се менуваат со интернационални?
Е, тоа веќе е сигурен знак дека домашните имиња нема да им требаат таму каде што заминуваат. А според последните податоци во изминатите неколку години над 70.000 Хрвати поради кризата и невработеноста извадија карта во еден правец и се упатија кон некоја од европските или прекуокеанските земји.
Зголемен број на барања за промена на имињата се забележува речиси во сите матични канцеларии, па така во Осијек дел од барањата за промена на името доаѓа од лица кои се подготвуваат да заминат во странство или веќе таму живеат па сакаат да се прилагодат. Во нивната канцеларија Вјекослав го променил името во Стефан, Гордана во Ванеса, Дуња во Дуниа, Слободан во Боб…
Во матичните канцеларии на Град Загреб последните 10 години променети се околу 1000 имиња или презимиња годишно. Во најголем процент тоа се промени на презимиња на разведени жени, а следат типично административни промени како барања Штефанија да стане Штефица, бидејќи така нејзиното име е наведено во катастарот.
Време на глобализација
Третата група се тие кои веќе живеат во странство, па сега сакаат исто име и во Хрватска. Така Томислав сака да го смени името во Томас, Иван во Џон, Гајгер во Геигер, Краљ во Кинг…
– Имаше неколку промени на личното име, посебно кај граѓани кои живеат во странство или се работеше за странки кои имаат намера да се вработат и школуваат во ЕУ. Поради изворниот облик на името, тие бараа промена бидејќи во други говорни подрачја тешко се изговараат – вели Асја Етингер, помошник началник за граѓански состојби во Градската канцеларија за општа управа.
Социологот Ренато Матиќ вели дека е разбирливо во ова време на глобализација на се и сешто, луѓето да се одлучуваат на промена на името, ако сметаат дека тоа ќе им помогне.
Име според некој хит од Сан Ремо
– Во традиционалното општество ја имавме онаа – nomen est omen, име како одбележје според кое можеше да не сврстат според регионалниот, националниот, верскиот или некој друг идентитет. Сега кога секој може да газдува со својот идентитет, бидејќи тоа му го дозволува законот, разбирливо е некој да сака да го промени името кое тешко се изговара или е неразбирливо во средината каде лицето сака да почне нов живот – вели Матиќ.
За разлика од првиот бран на промени на револуционерните имиња како Совјетка или Тракторка, во поприфатливи како Нада или Иванка, вториот бран во почетокот на 90-тите и воените настани, имаше национален призвук.
Социологот Матиќ името Ренато го добил по песна од Сан Ремо. Интересно и неговата сопруга Марина го добила името според песна од тој фестивал.
Јутарњи лист – Загреб