Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава во понеделникот објави дека бара придружничка на неговото туристичко патување на Месечината, но и воопшто – во животот. На огласот досега се пријавиле над 20.000 жени
– Полека ме обземаат чувствa на осаменост и празнина. Затоа, постојано размислувам за едно нешто: Сакам да сакам една жена, напиша Маезава на својата интернет-страница, додавајќи дека не би било никаков проблем ако кандидатката не знае јапонски јазик.
Маезава (44) е првиот добитник на билети за туристичко патување до Месечината, кое го организира Спејс-Икс и е закажано за 2023 година. Познат е и по тоа што пред минатата седмица преку Твитер на своите следачи им подели девет милиона долари.
– Сакам да најдам животна партнерка и од Вселената да испратам порака за нашата љубов и мир во светот, нагласи Јапонецот.
Тој е основач на најголемиот јапонски трговски синџир за облека – Зозо. Неговиот вкупен имот се проценува на две милијарди долари.