Хуманоста и идеализмот на Спајдермен се квалитети кои ги привлекуваат луѓето во светот, дури и повеќе од спектакуларните специјални ефекти.
Филмот Неверојатен Спајдермен 2, на режисерот Марк Веб, е еден од холивудските летни високобуџетни филмови. Снимањето чинело 250 милиони долари, додека дополнителни 150 милиони се вложени во негово рекламирање во светот. Компанијата Сони Пикчерс се надева дека ќе оствари профит благодарение на спектакуларните специјални ефекти. Меѓутоа, хуманоста и идеализмот на Спајдермен се квалитетите кои ги привлекуваат луѓето ширум светот. Филмската критичарка од Глас на Америка, Пенелопа Пулу разговарала со глумците за снимањето на овој филм и неговата привлечност за публиката.
– Невројатниот Спајдермен 2, на режисерот Марк Веб во 3Д техника, почнува во моментот додека Питер Паркер, момче под костумот на Спајдермен, завршува средно училиште и се подготвува за големи потфати. Филмот обилува со специјални ефекти, но режисерот Марк Веб вели дека оптимизмот и младоста на овој суперхерој е она што најмногу ја привлекува младата публика.
– Тоа е нешто волшебно, бидејќи живееме во свет кој е поделен со граници, религии, политика, а тие јунаци, во кои секој може да најде нешто во што се препознава, можат да допрат до луѓето на еден посебен начин, што го гледаме додека патуваме по светот.
Како и Марк Веб, Ендрју Гарфилд кој го глуми Спајдермен верува дека холивудските високобуџетни филмови за суперхерои помагаат во обликување на меѓународната популарна култура темелена на сочувство, идеализам и надеж.
– Без оглед на полот, сексуалната ориентација или бојата на кожата, тој е претставник на сите нас. Навистина тоа го чувствувавме патувајќи по светот, дека секој може да се замисли себеси како Спајдермен.
Во Неверојатниот Спајдермен 2, човекот пајак се бори против злосторници во урбаните кањони на Њујорк, шегувајќи се со народот кој тие шеги не ги сфаќа толку смешни. Меѓутоа, тој е симпатичен и има одлична хемија со Ема Стоун, која ја глуми Гвен Стејси, девојка на Спајдермен.
– Изгледаше дека секој ден снимаме друг филм, бидејќи еден ден снимате многу реални, интимни сцени, а следниот ден висите на жица во џиновска зелена соба – вели Ема Стоун.
Големи пари се вложени во импресивните специјални ефекти, како тие кои се гледаат во една од клучните сцени на филмот, кога Спајдермен се соочува со својот противник Електро, кого го глуми Џејмс Фокс.
– Направивме копија на Тајмс Сквер на Лонг Ајленд бидејќи не ни дозволија да снимаме она што беше потребно на вистинскиот Тајм Сквер. Имавме 13 кранови и многу зелени екрани кои го опкружуваа местото на кое Спајдермен и Електро се соочуваат лице во лице – вели режисерот Марк Веб.
Благодарение на најсовремените специјални ефекти, Спајдермен делува поподвижно од кога било, а неговите непријатели уште пострашни.
– Кога филмот се заврши, кога почнаа промоциите и премиерите во светот, имавме прилика да патуваме и да видиме како децата и младите луѓе се воодушевени и возбудени поради Спајдермен – вели Џејми Фокс.
Меѓутоа, лошиот и неочекуван пресврт пред крајот на филмот ненадејно го сврти вниманието на хуманоста и ограниченоста на Спајдермен, во човечка драма во која никој не може да има се.
Гласот на Америка – Вашингтон