Германска тајна служба сака да ги надгледува социјалните мрежи

Од:

Германската разузнавачка служба за странство БНД планира да употреби нови технички достигнувања кои ќе и овозможат контрола на комуникацијата преку социјалните мрежи на интернет. Надзорот би се одвивал во живо.

Тоа произлегува од повеќе доверливи документи во кои имале увид новинари од весникот Зидојче цајтунг, како и јавните сервиси НДР и ВДР. Како што пренесоа овие медиуми, таа активност е дел од проектот Стратешка иницијатива на техниката или СИТ, кој до 2020 година треба да чини 300 милиони евра; тој износ во текот на следните месеци треба да го одобри Бундестагот.

Според пишувањето на весникот Зидојче цајтунг, претставниците на БНД во разговор со пратениците на германскиот парламент, укажале дека пријателските разузнавачки служби во странство технички се многу понапредни, што посебно се однесува на американската Агенција за национална безбедност НСА и британската тајна служба ГЦХК. Тие додале, дека ако наскоро не добијат можност подобро да се опремат, техничката можност на БНД ќе биде далеку под тие со кои располагаат нивните колеги од Италија или Шпанија. Мерките за надзор на комуникациите на интернет наводно не ги погодуваат германските граѓани, туку само граѓаните од другите земји.

Необично нарушување на односите

Благодарение на откритијата на избеганиот американски информатор Едвард Сноуден, германската јавност во 2013 година дозна дека американската тајна служба НСА ја контролира електронската комуникација на граѓаните преку интернет како и телефонските разговори, во до тогаш огромни размери. Многу граѓани, како и бранители на заштитата на податоците и човековите права, жестоко се побуниле, но германската влада реагирала дури кога Сноуден откри и дека НСА го прислушкувала мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел. Во октомври во 2013 година тогашниот германски министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, го повика на разговор американскиот амбасадор во Берлин, што било многу необична постапка која покажува колку аферата за надзорот и прислушкувањето ги нарушила односите меѓу Германија и САД.

Огорченост кај многу политичари…

Кон средината на минатата година, многу германски политичари биле огорчени. Министерката за правда Сабине Лојтхосер-Шнаренбергер рекла дека се потсетува на Студената војна и демонстративно соопштила дека не се занимава со терористички активности; високата политичарка на Зелените Ренате Кинаст побарала целосно расветлување на аферата и најавила можност за поднесување на тужба пред Меѓународниот суд на правдата; пратеникот на Христијанско-социјалната унија во Европскиот парламент, Маркус Фербер, ја наведувал Штази и зборувал за загубата на моралниот кредибилитет, а шефот на германските Социјалдемократи Зигмар Габриел рекол дека повеќе не сака да биде стаклен човек.

… и потврда на многу претходни анализи

Организацијата за заштита на податоците и човековите права во зборовите на Сноуден нашле потврда за тие тврдења, сомнежи и стравувања кои и самите ги изнесувале во јавност веќе со години, па и со децении пред неговите откритија. Активистите на Дигитална храброст, Хаос на компјутер клубови, Меѓународната лига за човекови права, Германското здружениет за заштита на податоците, Форумот за информатичари за мир и општествена одговорност, сметаат дека дигиталниот надзор на приватната сфера на цели општества не само што создава непријатност како и чувство на немоќ и резигнација, туку и дека дел од милиони луѓе ги претвора во сомнителни лица, води во масовни повреди на правата на лицата и ги доведува во прашање основните права па и самата демократија. Но, до денес, аферата НСА немаше никакви правни последици, по никого.

Нова мерка – поделени ставови

Сега германските владејачки Демохристијани ЦДУ ја поздравија новата мерка која ја најави БНД. Претставникот на ЦДУ Родерих Кизеветер рече дека го смета за исправно тоа што БНД сака да биде на исто техничко ниво со другите тајни служби. Претставникот на германските Социјалдемократи кои се во владејачката коалиција со ЦДУ, Кристијан Флизек, нема ништо против надзорот на јавните комуникации на социјалните мрежи, но надзорот на комуникациите на заштитените платформи, или електронската пошта, го смета за некоректно. Кристијан Штребле, политичар од опозициските Зелени, во разговор за Дојче веле рече дека се сомнева дека при надзор на проток на огромна количина на податоци на интернет воопшто не е можно чисто раздвојување на домашна од странска комуникација.

Кога се работи за новата мерка која ја планира БНД, бранителите на заштита на податоците и приватната сфера се многу поостри. – Тоа е кафкијанска состојба во која последицата од откритијата на Едвард Сноуден не е гонење и спречување на злостор за шпионажа, туку зголемување на неговиот обем – смета соосновачот на здружението Дигитална храброст Паделуун: – Тајните служби треба да се укинат. Шпионажата и собирањето на информации не треба да се врши тајно, туку им треба јавна контрола. Ова како реакција на душкањето на НСА не донесува никаква сувереност, туку докажува максимална провинцијалност.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Севернокорејските војници распоредени во Русија станаа зависни од интернет

Горан Наумовски

Македонија има најбрз интернет во регионот

ЦУК: Куче паднало во шахта и ги изгризало оптичките кабли, без интернет биле „Филип Втори“ и Поликлиника „Букурешт“

А1он

Фејсбук и Инстаграм се вратија, корисниците можат повторно да се логираат

(ВИДЕО) Дел од профилите кои регрутираат граѓани за големата интернет измама за пари веќе не се активни, струмичката СмартКлик пријавила злоупотреба на името

Александар Тодески

(ВИДЕО) Масовна измама на интернет во Македонија, се нуди брза заработка

Александар Тодески