Европската статистичка служба „Еуростат“ по повод денешниот Меѓународен ден на среќата, објави истражување за тоа колку се среќни и задоволни од животот луѓето во Европа, пишува весникот „Соар“ и „ЕуроАктив“.
Резултатите претставени вчера од „Еуростат“ покажуваат дека луѓето во скандинавските држави се најзадоволни од животот во ЕУ. Жителите на Данска, Шведска, Финска го оцениле со средна оценка 8 задоволството од животот при макскимална оценка 10, што во принцип значи „целосно сум задоволен“. Оценка 8 дале и Швајцарците, а по нив следат Исланд и Норвешка со оценка 7,9 и Холандија и Австрија со оценка 7,8.
На дното на листата се наоѓаат Србија, Бугарија, Грција, Кипар, Унгарија и Португалција. При минимална оценка 0, што значи „воопшто не сум задоволен од животот“, Бугарите дале оценка 4,8, а Србите 4,9. Останатите држави го оцениле задоволството од животот со оценка 6,2.
Истражувањето на „Еуростат“ не содржи податоци за Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Турција.
Според „ЕуроАктив“ резултатите се врз истражување спроведено во 2013 година. Анализата на податоците покажува дека чувството за задоволство од животот е поголемо кај младите во возрасна група од 16 до 24 години, но се намалува кај луѓето над 75 години.
Во истражувањето според критериуми, кои придонесуваат за задоволство од животот, луѓето најчесто ја посочиле финансиската состојба и социјалните врски, но сепак повеќето како најзначаен фактор го наведуваат здравјето.