Битолчанката Катерина Михајловска ја освои првата награда на националната „Трка на високи потпетици“ што се одржа синоќа во рамките на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град“.
Организаторите на атрактивниот настан, Младински културен центар-Битола соопштија дека годинава на Широк Сокак учествуваа девојки од Скопје, Струга, Велес, Прилеп и од градот домаќин.
– Услов за учество во трката беше висината и ширината на високите потпетици кои не беа пониски од 8 сантиметри и пошироки од 2 сантиметри. Трката на високи потпетици се одвиваше во две полуфинални и една финална трка, а најбрза беше Катерина Михајловска од Битола на која наградата и ја врачи градоначалникот Владимир Талески, истакна Анета Шијакова, портпарол на „Битола отворен град“.
Интернационалниот младински арт фестивал вечер продолжува со настапи на ди-џеи од Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија, а утревечер на Широк Сокак ќе бидат главните гости на „Битола отворен град“, односно ди-џејката Надине од Унгарија и ди-џејот Мајкл Греј од Велика Британија.