Врховниот суд, за денеска го закажа продолжението на општата седница на која ќе се разгледуваат двата реферати на првиот човек на највисокиот суд во државата, Јово Вангеловски, објави Макфакс.
На седницата треба да се расправа за тоа дали прислушуваните материјали можат да бидат користени во доказната постапка и за барањето за заштита на законитоста поднесено од државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, околу притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Иако СЈО бараше Вангеловски да се изземе од одлучувањето со оглед дека го има во прислушуваните разговори, тој сепак не се откажува од тоа да влијае на одлуката, што предизвикува соменвање за политичка нарачка до највисокиот суд.
Вангеловски во првиот реферат сугерираше исклучување на прислушуваните разговори како доказ во постапките. Како аргумент, користи две претохдни постапки во кои Врховен наложил да се отстранат докази бидејќи биле незаконски, меѓу нив, eдната е против поранешниот градоначалник на општината Аеродром, Кирил Тодоровски. Но, тогаш прислушуваните разговори биле одбиени како доказ бидејќи осудените прво биле под истрага за потешки кривични дела, а биле осудени за кривични дела за кои не е дозволено прислушување.
Првиот човек на Врховен им посочува на неговите колеги дека Законот за СЈО стапил подоцна во правна сила од Законот за кривична постапка и спрема тоа, законодавецот можел тоа да го предвиди како посебен член. Вангеловски посочува дека јавниот обвинител е државен орган, додека Законот за СЈО пропишува само гонење на сторители на кривични дела.
Расправата по овие две точки предзвика жестока дебата на седницата што започна пред Велигденските празници, поради спротиставените мислења на судиите. Дел сметаат дека право да поднесува барање за заштита на законитоста има само специјалната обвинителка Катица Јанева заради автономниот статус одреден во Законот за СЈО, додека останатите се повикуваат на Законот за кривична постапка, во кој единствено право да го поднесува овој вонреден правен лек има само државниот јавен обвинител.