ВМРО-ДПМНЕ Прилеп реагираше на денешната прес-конференција на СДСМ ОО Прилеп.
„СДСМ во нивни стил на неаргументирани напади, со лаги и манипулации се обидува да ја дефокусира јавноста од нивната неинвентивност и неспособност да предложат нешто ново, нешто со кое ќе го подобрат животот на граѓаните.
За разлика од времето кога СДСМ беше на власт и здравството беше во очајна состојба, за разлика од времето кога вашиот министер за здравство избега од државата за да го одбегне судењето за даночно затајување, за разлика од вашите кадри кои завршија со кривични пријави за набавките во Инфективното одделение во Прилеп, Владата на ВМРО-ДМПНЕ инвестира во здравството како никогаш до сега.
Да ве потсетиме на неколку инвестиции реализирани токму тука во нашиот град. Преку заедничка соработка на Здравствениот дом и Министерството за здравство, успешно е извршена реконструкција на фасадата и дограмата во Здравствениот дом во Прилеп. Исто така, поставен е лифт во зградата на здравствениот дом, реновирани се скалите и ходниците. Дополнително извршена е целосна промена на внатрешната дограмата, вратите во амбулантите и одделенијата. Покрај набавката на нови возила, набавен е и нов ЕКГ апарат. Комплетно е реновирано детското одделение, а во итната медицинска помош извршено е реновирање на фасадата на зградата и кровната конструкција, покрај промената на столаријата и подовите.
Во Центарот за јавно здравје-Прилеп, направена е целосна реконструкција на фасадата, променета е надворешната дограма, реконструкција на санитарни чворови, водоводна и канализациона мрежа, реновирана е санитарно-хемиската лабараторија, и извршена е набавка на повеќе апарати за различна употреба, согласно потребите на пациентите и центарот за јавно здравје.
Конкретно во Прилепската болница ,,Борка-Талески” направена е реконструкција на Болницата во вредност од 560.000 евра. Набавка на апарат за компјутерска томографија, кардиолошки ултразвук, гинеколошки ултразвучен 4D ехо апарат, гастроскопски кабинет и тн. опрема ветена и набавена од Владата на Република Македонија во вредност од 1,2 милиони евра.
Опремата за очното одделение во кое се инвестирани дополнителни 200.000 евра која овозможува самостојно работење по најновата фако метода, нешто што прилепчани мораа да го прават надвор од Прилеп. Воведена е гастроскопија како рутинска процедура за потполно заживување на гастроскопскиот кабинет, потполно е обновена опремата во амбулантниот дел на гиниколошкото одделение, во целост е реконструирана големата сала во болничката лабораторија, воведени се ЛИС и РИС, информатички лабараториски и ренген систем, извршена е реконструкција на одделението за Хирургија и одделението за
Нервнопсихијатриски болести, започната е активна едукација на лекарите како во странство, така и во нашата земја. Дополнително, во текот на оваа година, се очекува набавката на мамограф како и темелна реконструкција на поголем дел од градската болницата.
Со други зборови, проектите кои ВМРО-ДПМНЕ ги има реализирано во здравството во Прилеп вие за време на вашето владеење ги немавте реализирано во целата држава.
Дополнително, покрај набавена најнова опрема за сите здравствени установи во земјава, воведен е проектот „Мој термин“ со кој се стави ред во чекањето на пациентите. Драстично беа намалени цените на лековите, а на сметка на добавувачите на кои вие им дозволивте да прават огромни профити на грбот на граѓаните. Воведен беше и проектот
„Рурален доктор“ преку кој многу населени места добија посета од здравствени лица и уште многу други реформи со кои драстично се смени сликата во здравството во Република Македонија. Тоа што е многу важно е што, најголем дел од вложувањето во здравството е направено со средства од заштеда при јавните набавки преку кои во времето на СДСМ некој се богател на грбот и на квалитетот на услугите за граѓаните.
За крај, само во последните неколку години во здравствените установи во државата се вработени околу 2.000 здравствени работници, медицински персонал, болничари и хигиеничари. А само во Прилеп повеќе од 200 здравствени работници. Ова го кажуваме поради фактот што за време на СДСМ беше уништена иднината на прилепското здравство и материјално но и кадровски оставајќи ги здравствените установи без соодветен кадар. Ова многу добро говори за вашата „грижа“ за здравството кое го уништивте и оставивте на колена.