„Ве прашувам пред македонската јавност, некои од вас некои ве знам, дали сте подготвени да го тепате македонскиот народ, ако знаете дека наредбата е апсурдна? Дали сте спремни со гумени патрони да пукате по нашиот македонски народ? “ – вака им се обрати на полицајците пред Влада, Стојанче Ангелов, претседател на „Достоинство“.
– Доколку само вака се собираме, доколку нема насилство од наша страна, кажете им на луѓето дали треба да се плашат од вас, бидејќи некој ве користи како плашило. Дали треба да се плашат од вас?, им се обрати Ангелов на полицајците што ја обезбедуваат владата.
Тој рече дека од изразот на нивните лица, може да се заклучи дека народот не треба да се плаши од нив.
– Ова се наши луѓе, патриоти, чесни луѓе што се подготвени да загинат за државата и за народот, а не против народот. Повеќе од нив, лично ги знам, овде има и членови на Достоинство, коишто, нормално, сега нема да ги повикам, бидејќи Јанкуловска уште денес ќе ги избрка на улица, рече Ангелов.
Тој уште вчера, преку социјалните мрежи најави дека ја ако треба и сам ќе ја започне битката против режимот.
„Активностите на “Достоинство“ се самостојни и независни. Ние не собираме луѓе од каде ќе стасаме, ние не ги понижуваме граѓаните присилувајки ги да дојдат на нашите собири, ниту делиме сендвичи, ниту кока кола.
За денешниот мал собир очекувам подршка од десетина луѓе. Тие што можете, дојдете! Дојдете, без разлика на вашата партиска припадност. Нам ни требаат искрени и храбри луѓе згрозени од она што се случува. Никој нема да ви дели пристапници, ниту членски книшки на “Достоинство“, напиша на својот фејсбук профил Стојанче Ангелов.
А.Б.