ВИДЕО: Сто нови згради и 20.000 нови станари во Расадник, Кисела Вода

Од:

Градежна инвазија во Кисела Вода – ќе се изградат 100 нови згради и ќе се населат речиси 20 илјади станари доколку се усвои новиот Детален урбанистички план (ДУП) за местото познато како Расадник.

Јавната анкета во општината трае до 7 ноември. Дотогаш, сите засегнати граѓани можат да поднесат забелешки на предложениот ДУП за кој граѓаните веќе собираат потписи за негово поништување и подготвени се со жив штит да се бранат од градежната инвазија.

Шесткатници, осумкатници, деветкатници, тринаесеткатници, некои од нив раздалечени на само 12 метри простор, предвидени се во новиот предлог на општината. Градежните фирми гледаат голем залак во овој дел од Скопје – наголемо се откупуваат парцели од сопствениците и секоја од нив се бори за зграда или кат повеќе.

Со планот е предвидена бруто-станбена површина од над 837 илјади квадратни метри. Од нив, дел се веќе изградени куќи кои ќе добијат еден кат повеќе, а дел се веќе постоечки згради. Нa празните парцели во расадникот е предвидено да се градат 100 нови згради со вкупна бруто-станбена површина од речиси 550 илјади квадратни метри.

Ако се земат предвид стандардите дека на секои 28 квадратни метри би живеел по еден жител, во расадникот ќе се вселат нови 20.000 станари.

Ако секој трет жител од новите станари користи автомобил, тоа значи дека на ова место ќе има речиси 7 илјади нови автомобили, односно ќе бидат потребни толкав број нови паркинг места. Досега, речиси невозможно беше да се најде паркинг место на овој простор, со постојните живеалишта.

Сосема друг проблем на кој апелираат познавачите е густината на жители, која во овој случај се коси со Генералниот урбанистички план (ГУП).

Според ГУП-от, максимално дозволена густина на населеност во Расадник треба да биде 194 жители по хектар. Во случајот, со вака предложениот Детален урбанистички план, густината ќе биде речиси 5 пати повисока, односно ќе има 1.000 жители на хектар. За познавачите, ова е директен упад и непочитување на законот, бидејќи се надминати параметрите од ГУП-от како законски акт од највисок ранг во делот на урбаното планирање.

Од Општина Кисела Вода велат дека овој Детален урбанистички план е во согласност со ГУП-от и по планираната бруто-изградена површина и по густината на жители.

„Oвој план на претходната јавна анкета во 2016 година бил изложен со вкупна планирана бруто-површина од 1.200.000 квадратни метри, која го надминувала ГУП-от за двапати. Сегашната планирана бруто-површина е во согласност со ГУП-от. Оваа значителна промена се должи на тоа дека на површината на земјиште што е во сопственост на Република Северна Македонија се планирани исклучиво површини за градење со намена за јавна употреба. Во овој опфат се планирани површини за нова детска градинка, основно училиште, средно училиште, поликлиника, парковски зеленила, спортски објекти, црква, две катни гаражи, плоштад, а под пешачката улица се планира и јавно паркирање“, велат од Општината.

Расадник е една од ретките површини во Скопје што е неизградена и има огромен потенцијал. Истата, наместо да послужи како пример за населба за хумано живеење, го следи трендот на метрополата – урбанистички и сообраќаен хаос, каде што зеленилото станува привилегија.

Би можело да ве интересира

Развојот на помалите општини условен од донесувањето ГУП, обемната процедура го отежнува нивното донесување

Околу 120 приговори за новиот ДУП во Расадник, Кисела Вода

Мери Јордановска

ВИДЕО: Ќе се градат ли 50 нови згради кај „Треска“- Центар две години без одлука

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Темелковски признава дека во Расадник ќе има стотина нови згради, но и зеленило

Мери Јордановска

Независниот синдикат на градежни работници бара почитување на мерките за безбедност при работа

Ана Ололовска

Издадени повеќе одобренија за градба, ќе се градат станови, најмногу во Аеродром

Ана Ололовска