Споменикот на Мајка Тереза сместен на плоштадот „Македонија“ го добива својот финален изглед. Споменикот вреден 5.5 милиони евра требаше да го гради Субрата Рој, но поради одредени малверзации во Индија тој заврши во затвор, па споменикот продолжи со градба под покровителство на Министерството за култура. Индискиот бизнисмен во 2013 година заедно со тогашниот премиер Никола Груевски ја открија спомен плочата на Мајка Тереза на местото каде што сега се гради споменикот.
Таблата која треба да известува за градбата која е во тек, е поставена на непрегледен и непрооден дел од локацијата, наместо на видно место како граѓаните би можеле да се информираат околу споменикот.
Според проектот, изведувачот треба да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, милосрдни сестри, ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи. Според документацијата, фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин, со што ќе се добие изглед на природна карпеста површина.
Во карпестата фонтана ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи, милосрдна сестра со болен што лежи и милосрдна сестра со болен што седи на карпа.
На објектот во висина од 16,5 метри ќе бидат поставени централен ангел со крилја висок 3 метри, четири ангели што седат со висина од три метри, четири мали ангели со висина од 2 метри. Под терасата ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар.
Виктор Јованов