Членството во најмоќниот воено политички сојуз – НАТО, станува реалност на која сите граѓани се пособено горди. Успехот е заеднички и е резултат на одлучноста на граѓаните, но и на одговорните и државнички политики во изминатите 2,5 години, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Охрабрувачки се последните вести од Шпанија и дозволете ми во името на Владата да ги поздравам овие вести. Станува јасно дека нашиот приоритет е и приоритет на НАТО и приоритет на земјите членки на НАТО и фактот дека новоформираната влада во Шпанија веднаш го пушти Законот за ратификација и тоа во брза постапка покажува дека го делиме приоритетот, час поскоро да станеме членка на Алијансата, рече Шекеринска.
Но и како одговорна министерка, подвлече Шекеринска, во ресор кој што е и најдиректно врзан со членството во НАТО сакам најсериозно да предупредам на опасноста од заговарање на идеите за поништување или повторно отворање на Договорот од Преспа. „Без Договорот од Преспа, нема членство во НАТО. Без членството во НАТО нема безбедност, стабилност, сигурни државни граници и обезбедена иднина. Без НАТО нема ни зголемени инвестиции, ни засилен економски раст“, истакна министерката.
Шекеринска рече дека најновата намера, или манипулација, дека одредени политички сили ќе се обиделе да го отворат повторно за преговори Преспанскиот договор, токму во овие моменти на финални чекори до членството во НАТО е крајно неодговорно и опасно. „Без разлика дали овие наводи се манипулативни или сериозни, да се чепка во Договорот од Преспа кој е склучен помеѓу два соседи со силно присуство и поддршка на меѓународната заедница, е исто како овде на Балканот да се пали буре-барут“, рече во својата изјава министерката Шекеринска.
Министерката повторно ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат Законот за одбрана. „Дозволете ми барем на крајот од овој процес да и помогнат на државата да го искористи членството во НАТО, за гарантирање на колективната безбедност. Законот за одбрана значи дека ние дефинитивно ќе бидеме под чадорот колективен на безбедност на НАТО. И Законот за одбрана е вистина стратешки државен приоритет. Кој е против Законот за одбрана, за чие гласање е неопходно двотретинско мнозинство, тој реално е против нашето членство во НАТО, истакна министерката Шекеринска.