ВИДЕО: Се урива дивоизградената бетонска база на Нефи Усеини

Од:

Започна да се руши бетонската база која без никаква документација и спротивно на законот, советникот на Општина Охрид, Нефи Усеини од ДУИ ја изгради на петстотини метри од Охридското Езеро. Поставувањето на базата беше започнато во јуни минатата година, а за неа, нема ниту еколошка дозвола, како што налага Законот за животна средина, па така, објектот е еден од оние кои го загрозува УНЕСКО статусот на целото подрачје.

Рушењето го прават работници и механизација. Од Општина Охрид засега нема одговор дали тие ги ангажирале механизацијата и работниците на терен. Парцелата на која е изградена базата е во сопственост на Исламската верска заедница, која ја добила преку процесот за денационализација во периодот од 2013 до 2014 година. „А1он“ се обрати и до Усеини за тоа кој ја урива базата која тој ја постави, а тој кажа: „Не знам, немам информација“.

Усеини успеа, но непознато на кој начин, да спроведе и струја до бетонската база, иако таа е нелегална и спротивна на законите. На местото каде започна рушењето, изминатава година во континуитет се работеше, а беа паркирани и камиони, како и различна механизација. Општина Охрид, претходно немаше доволно средства за да ангажира работници и градежни машини за да ја урне базата, што беше оправдување оваа акција да се одложува до сега. Базата за производство на бетон се наоѓа на стариот пат Охрид – Струга.

Советникот Усеини од ДУИ и во минатото е осудуван по повеќе основни меѓу кои и насилство, а предмети во изминатава година има и во охридското Обвинителство за кривично дело бесправно градење, двапати за спречување службено лице во вршење службено дејство и по еднаш за загрозување на сигурноста и фалсификување или уништување деловни книги. За овие дела најмала предвидена казна е глоба, а најголемата е три години затвор. Доколку се поднесе обвинение пред судот за сите предмети и дела, Усеини максимално може да добие 10 години затвор според Кривичнот законок.

Санкции за Усеини пред неколку месеци најави и експремиерот, сега лидер на СДСМ, Зоран Заев, откако Усеини го натепа професорот Илјази, за што доби само прекршочна пријава. Заев рече дека советникот ќе одговара дури и по цена СДСМ да го изгуби мнозинството во Општина Охрид.

Претходно, на „Јутуб“ беше објавен разговор помеѓу Александар Николоски, носител во изборна единица четири и Миле Јанакиески, ексминистер за транспорт и врски, во кој се зборува за Усеини. Од снимката се слуша како Николоски не дозволува да се чепка местото каде ќе гради Усеини, бидејќи, тоа му било дел од договорот за избори со ВМРО-ДПМНЕ.

Позната за јавноста е уште една дивоградба во сопственост на Усеини, која е во заштитеното подрачје на Охрид. Станува збор за објект на плоштадот кај Чинарот. Сите активности за нејзина изградба се нелегални и на државно земјиште, што го нотираше и општинскиот инспекторат додека  течеа градежните активности. Сега, таа дивоградба не е во ингеренции на општината и треба да ја урива Државниот градежен инспекторат.

Би можело да ве интересира

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Лазаревска: СДСМ бара одговорност за отстранувањето на спомен плочата од НОБ во Охрид, Пецаков да не молчи

Левица: Нефи поддржан од Пецаков ја отстрани спомен плочата на НОБ во Охрид

Ковачевски: ЈО да реагира за дивоградбата на „Пластичарска“, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите

Дива населба во долината на Бабуна : Гето од дивоградби кое ниту може да се урне, ниту може да се легализира

Орце Костов

Бизнисменот Нефи Усеини, кој тепаше и градеше дивоградби, поднесе оставка од советничката функција во Охрид

Кристијан Ландов