ВИДЕО: Рекорд без автомобили – Кога Скопје ќе ја добие ветената најголема пешачка зона во Европа?

Од:

Комплексен проект најавен преку едно ветување во програмата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – Најголема пешачка зона во Европа која ќе се протега од чаршија, преку улицата Димитрија Чуповски на Рекорд, па се до Музејот на Град Скопје. По стапувањето на функцијата, ниту збор дали и кога ова ветување ќе биде исполнето.

„Центарот на градот ќе стане нова пешачка зона. Преку дисперзија на сообраќајот од централното градско јадро и реконструкција на улица Македонија со дополнително зеленило и одвод, ќе овозможиме слободна пешачка зона од Старата скопска чаршија, преку плоштадот Македонија па сѐ до Музејот на Град Скопје“, стои во програмата на Арсовска.

Ова ветување, како и други, остана само на хартија. Но, ова не беше ветување само од Арсовска – Желбата да се направи најголемата пешачка зона ја имаа и градоначалниците пред неа, Трифун Костовски, Коце Трајановски и Петре Шилегов. Оваа идеја првично предвидуваше подземна улица под Рекорд, за да не се прекине протокот на една од најпрометните улици во Скопје. Но низ годините, ниту еден градоначалник не виде исплатливост во овој проект, па улицата остана како и досега. Последен во низата, проектирање направи Шилегов. Тој за А1он вели дека доколку утре се тргне во реализација на овој проект, ќе бидат потребни најмалку три години за да се оствари. Неговото решение било бај пасирање преку мостот во Аеродром од едната страна и подземната улица под „Лимак“ од другата страна, за да не се направи застој во сообраќајот кога ќе се тргне од употреба улица како Димитрие Чуповски кај Рекорд.

Подземната улица пак, требаше да биде готова годинава. Но за да стане функционална, од „Лимак“ кажаа дека градот мора да ги направи влезовите, со правење на влезови кои ќе водат до и од подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на улиците Железничка и Бихаќка. Она што последно Арсовска го кажа пред медиумите е дека не се решени имотно-правните односи, па затоа не се ниту блиску до изградба на кружниот тек кој и таа го имаше ветено во својата програма. Мостот во Аеродром пак, градоначалничката прво рече дека ќе служи за ловење риба, а потоа и дека ќе биде пуштен во употреба. Но ниту тоа уште не е реализирано, за да може да се искористи последната изработена проекција за центарот на Скопје да биде пешачка зона.

Пешачката зона ја поздравуваат и активистите. Дарко Арсовски од неформалната група „На точак“ за А1он вели дека идејата е одлична, како за луѓето кои се движат пеш, така и за велосипедистите.

А1он испрати неколку прашања до градот, до каде е реализацијата на овој проект и колку пари годишно се одвојуваат за него, но и за оваа тема, останавме без одговори.

 

Со овој текст, А1он.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Само 30 автобуси на ЈСП возат низ Скопје

Катерина Ѓуровски