ВИДЕО: Премиерот со години ветува студентски домови, студентите едвај преживуваат во мизерни услови

Од:

Хорор приказната од македонските студентски домови не запира со реконструкцијата на блокот Б од студентскиот дом “Гоце Делчев“ во Скопје. И покрај ветувањата на премиерот за реконструкцијата на старите и изградба на нови домови, на студентите им останува да слушаат ветувања пред секои избори, и да чекаат да видат која наредна година конечно ќе добијат нормални услови за живот.

Иако секоја година Никола Груевски најавува промени во домовите, требаше да дојде до распаѓање во блокот Б во најголемиот студентски дом во Македонија, каде откако падна дел од плафонот го оценија како многу лош, па решија веднаш да го реконструираат. За нечовечките услови во останатите блокови во домот кажуваат и снимките кои А1он успеа да ги сними во домот.

Премиерот во 2011 година вети дека ќе ги подобри стандардите на студентите насекаде во Македонија, што години подоцна се покажа како неисполнето ветување.

– Ова е период во кој Владата на Република Македонија вложува многу во подобрување на условите за живот и за учење, целосно на студентскиот стандард насекаде во Македонија, рече премиерот Никола Груевски во 2011 година.

Во 2013-та година, кога едниот блок од студентскиот дом „Гоце Делчев“ се опожари, премиерот најави реновирање на домот и градење на нов дом на местото на бараките наречени „Медицинар“, а иако во бараките студенти веќе нема, нема ни оградено место за започната изградба на дом на местото од бараките.

– Се надевам дека до крајот на годината ќе завршат процедурите со проектирање и околу крајот на годината или почетокот на следната ќе почне изградба на нов објект на местото на постојните бараки. Тие ќе одат во историјата и на нивно место ќе се гради тврда градба, рече премиерот на новинарско прашање во 2013-та година.

Две години подоцна, во 2015-та година, премиерот повторно најави изградба на студентски дом на местото на бараките наречени „Медицинар“.

Премиерот и во октомври годинава изјави дека активно се бара локација за нов студентски дом, а локацијата требаше да биде позната наредната недела. Иако помина цел месец, за студентскиот дом нема ништо.

– Активно се работи на изнаоѓање локација за нов студетски дом. Министерот и заменик министерот за образование со својот тим работат на истото, имаат неколку локации во Скопје и треба да направата евалуација која од нив е најсоодветна. Очекувам дека идната недела локацијата ќе биде позната, рече премиерот Груевски.

Обнова чекаат речиси сите студентски домови, а најаларманта е ситуацијата во блокот А од студентскиот дом „Гоце Делчев“ од каде поради старата и речиси руинирана инсталација излегува непријатна миризба која студентите секојдневно ја вдишуваат. Вратите во тоалетите на тој блок се паднати, исто како и дел од ѕидовите во домот.

Изградбата на нови студентски домови и реконструкција на веќе постоечките владата на Груевски ја истакнува уште во 2010 година, кога на прес конференција на Сашо Стефановски од тогашната „Унија на млади сили“ на ВМРО-ДПМНЕ, тој најавува изградба на нови и реконструкција на старите домови.

Домовите беа ветувани уште во времето кога сегашниот министер за здравство, Никола Тодоров беше министер за образование и наука. Тој во 2010 година најави дека ќе има реконструкција на неколку студентски домови, како и изградба на нови.

– Еден по еден домовите ги средуваме. Во последните 20 години немало посериозна реконструкција во ниту еден дом. Наредната година ќе следи ново реновирање и се надевам дека ќе успее и постапката за јавно-приватно партнерство за енергетска ефикаснот на домот Гоце Делчев, рече Никола Тодоров, министер за образование и наука во 2010 година.

Тој во 2011 година повторно вети повторно вети реконструкција на „Медицинар“. Според него, тој бил во најлоша состојба, занемарувајќи ја очајната состојба на „Гоце Делчев“ која датира многу пред 2011 година.

– Она што е наша цел со овој проект е да направиме целосна реконструкција на овие бараки и да го ставиме вон употреба студентскиот дом ’Медицинар’, кој што сега егзистира и кој е во најлоша состојба, рече во 2011 година Никола Тодоров, тогашен министер за образование и наука.

Ветувањата на владата продолжуваат, но студентите се помалку веруваат на празните зборови на надлежните. Додека тие се обидуваат преку тоа да добијат политички поени, нашите студенти чекаат да падне уште еден покрив, најдевајќи се дека тоа нема да се случи врз нивната глава.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Без партиски врски, студентот добива само смрдлив тоалет и руинирана бања – Какви се условите во студентските домови

Орце Костов

ВИДЕО: „Нè разбудија силни удари, слушнавме само бомба, бомба!“ – Студентите вознемирени по нападот врз директорот на „Пелагонија“

Орце Костов

ВИДЕО: Поранешен вработен ја запалил канцеларијата на директорот на студентскиот дом „Пелагонија“

Орце Костов

Објавени листите со примени бруцоши во студентските домови во Скопје, приговори најдоцна до осми октомври

А1он

Конкурс за сместување студенти во блоковите В и Г на домот „Гоце Делчев“

Ана Ололовска

ВИДЕО: Целосно реновиран студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје

Ана Ололовска