Со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, сите инспекторати сега добиваат нови и поголеми овластувања за постапување со прекршителите на здравствените Ковид протоколи кои што се на сила, изјави денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Конкретно на терен, посочи тој, ако инспекторите констатираат одредено прекршување на протоколите од некое правно лице, во истиот момент ќе му биде изречена привремена забрана за вршење дејност од 10 до 30 дена.
– Оваа можност законски инспекторатите ја немаа како инструмент и алатка и мислам дека е неопходна во овој период, изјави Николовски, на заедничка прес-конфернеција со претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашковска, како и директорите на државните пазарни инспекторати.
Висината на глобите, посочи тој, ќе варира во зависност од големината на правниот субјектот – мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорните лица.
– Со ова сакаме да покажеме и поравично и праведност во однос на големината на субјектот и нивото на самата казна, изјави Николовски.
Состојбата, нагласи визепремиерот, е сериозна и затоа е неопходно почитување на мерките и протоколите.
– Почитувањето на мерките и протоколите и инструментите кои ни стојат на располагање со измените значат дека толеранција од институциите за прекршителите нема да има, изјави Николовски.
Анализата на Инспекцискиот совет, посочи тој, е веќе направена и веќе не може да има пречки да не се јакнат капацитетите на инспекторатите.
– Со овие зголемени ингеренции, навистина капацитетите мора да растат и следните чекори на Владата се да се зголеми и кадровскиот и човечки потенцијал за следната 2021 година за сите инспекторати, врз основа на оваа анализа. Владата има воља и разбирање, изјави Николовски.