Имаме собрано речиси 5.000 потписи, веќе сме на половината. Правиме напори да ги собереме пред да почне гужвата на големите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беспотребно ќе прават гужва, вели во интервју на А1он универзитетската професорка Билјана Ванковска, која собира потписи како кандидат за претседател на партијата Левица.
„Ќе се разликувам од сите кандидати како блок, во сите оние надлежности кои се предвидени за претседателот. Мислам дека еден малку поинаков стил на третирање на институцијата, водење и нормално претставување на државата, она што мислам дека досега најпоразително е тоа што се претставуваме како мали, безначајни, со подвиткана кичма. За мене е непростлив правен гаф или свесно заобиколување на Уставот начинот на кој беше потпишан Преспанскиот договор, тоа е надлежност на претседателот. Претседателот треба да си ги врши уставните надлежности и не биде приврзок на владата и послушник. Јас верувам во моќта на човекот, во интегритетот на човекот. Тука имаме власти кои се глуви и слепи секогаш кога ќе седнат на позициите“, вели Ванковска.
За ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека има опозиција која глуми опозиција и собира потписи преку СДСМ и ДУИ, вели дека ваквите пораки се дрски, арогантни и недемократски, односно дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги девалвира сите други учесници во трката за претседател.
„Тие тргнаа со една опасна матрица, дека „пленот е само наш“ и дека секој оној којшто ќе се обиде да си го оствари своето демократско право да учествува во изборите, без оглед на тоа со каква програма, дека е натрапник, дека е дистрактор, дека нешто им одзема од „големата победа“, не знам кого мислат да победат. Мене ми ја налепија етикетата дека ќе ми собираат потписи и дека целата моја улога е инструментална, нешто да соберам и нешто да подарам. Тоа нема да се случи. Застрашувачки е дека онаа партија која според сите мерења води, како да не научила ништо во периодот во опозиција. И ова месијанско однесување како „ние сме тие и никој друг“, не ми ветува демократски и фер процес. Јас сум веќе мета на напади, дури и потсмевања. Сакаат да го девалвираат учеството на сите останати. Подобро би било да си го скротат оној жар и желба за власт, бидејќи грдо делува. Ако одев на сигурно ќе одев со голема партија, јас одам со т.н. „лузери“, односно така ги презентираат. Мислиме дека ваквите пораки се дрски, арогантни, недемократски“, додава Ванковска.
Во интервјуто на А1он, кандидатката за претседател од Левица потврди дека во предметот „Политички системи“ кој го предава, користи литература од противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова.
„Силјановска-Давкова прво ми беше асистент на факултет, јас ја знам како моја асистентка од студии, потоа станавме колешки, јас помлада, таа постара. Сме биле во многу битки, меѓутоа идеолошки се разликуваме. Имаме многу богата дискусија кога разговараме. Таа е либерал, дури и кога се кандидираше на минатите избори кажа дека има либерален поглед на светот. Јас сакам да покажеме што значи вистинска дебата. Ние си честитавме, си посакавме среќа, меѓу нас нема да има валкани работи, не знам што ќе прават партиските машинерии. Се надевам дека две професорки им должат на своите студенти и на јавноста натпревар во визии и идеи“, вели Ванковска.
Според неа, на граѓаните им треба човек кој ќе биде гласен, со став дека кога се крши Устав и закон, претседателот врши сосема други церемонијални работи.
„Јас сум решена дека оваа позиција е девалвирана од начинот на кој била досега вршена. Иако сме парламентарна демократија и тоа многу хибридна и деформирана со партиско-етнички трибални елементи, мислам дека претседателот тука може многу да внесе како една личност и институција која ќе може да се обрати и на Собранието и на владата, затоа што некои ингеренции ги делат. Јас ќе се мешам во моите надлежности и нема да дозволам владата или министерот да ме извести дека потпишува некаков договор. Тврдам дека може да се промени Преспанскиот договор, но нема да кажам сега како. Ништо не е вечно, ниту Преспанскиот, ниту Рамковниот договор. Ако мислиме дека не може ништо да се промени, тогаш сите во Вардар“, кажа Ванковска.
Смета дека најдоброто нешто што може да се направи за спас на Македонија е граѓански Устав, став кој го дели со противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
„Таа (Силјановска-Давкова) ја има таа позиција, но нов Устав е нешто што е итно потребно. Многу професори рекоа дека овој Устав е неодржлив, поради сите оние крпеници, амандманите јас ги нарекувам како фустанот на Пепелашка, закрпи ваму, закрпи таму“, посочи Ванковска.
Во албанскиот блок, вели дека има отсуство на демократски облик, а изборот на претседател во Собранието според Ванковска би значело враќање наназад и киднапирање на политиката од рацете на граѓаните во рацете на етничките елити. За Европската Унија смета дека е во длабока криза и не знае дали е приврзок на НАТО или ќе прави сопствена војска.
„Ако беше така, Украина никогаш немаше да почне преговори. Како може држава која е нефункционална да биде подготвена за преговори, а ваму Македонија поради Преамбулата да не е. ЕУ си ги крши своите принципи, милион пати ги има прекршено. Ако Македонија покаже гард, тогаш ќе се преиспитаат дали Македонија им е потребна во својата геостратешка политика“, посочува Ванковска.
Вели дека мора да ги средиме работите дома пред да размислуваме за сојузи, со став дека никој не може да рече дека ако не влеземе во Европската Унија ќе пропаднеме. Вели дека верува во мирно решавање на спорови, но и дека ако НАТО е мирољубива алијанса која шири демократија, тогаш НАТО пријателите ќе разберат дека сиромашна земја не може да издвојува 2 отсто од БДП, а од друга страна многу работи дома ни се распаѓаат.
„Не размислуваме дека она што ни е под носот, од депонии, од реки, плодно земјиште со фотоволтаици, се уништуваме за некаде да одиме. Ние треба да си ги средиме работите дома, прво со оние што крадат. Македонија е богата држава што има пари, а од друга страна се краде. Нас ни е потребна помош, но не туторство и старателство. Триесетина години не сме во ЕУ, ама вината колку што е наша, од корупција, од еден тип на владеење што го нарекуваме стабилократија, за што вината ја наоѓам во Брисел и Вашингтон, што значи дека „ќе одбереме некој ќе ги исполнува нашите геополитички барања, па дури и да поткрадува и да подлажува“, значи такви прислужници не доведоа до таму каде што сме. Ако сакаме да бидеме држава, вакви работи не треба, ако сакаме да бидеме колонија ќе избереме вакви марионети“, вели Ванковкса.
Смета дека може да се раскинат договорите со Грција и Бугарија, но без да се нарушат односите со соседите.
„Ако ги гледаме работите дека не може да се случи тоа, тогаш да ги кренеме рацете и да оставиме да ни менуваат Устав и се да прават. Ќе се обидеме да разговараме преку дипломатски односи, мислам дека и грчкото општество не е многу среќно. Тука постои нешто што зборува дека ние конфликтот со Грција не сме го решиле, а притоа не го промени драстично ставот на грчката страна иако тие се победници. Ние сме пропуштиле шанса да развиваме друг вид односи со Грција“, посочи Ванковска.
Погледнете го целото интервју со кандидатката за претседател од редовите на Левица, универзитетската професорка Билјана Ванковска на А1он.