Новогодишната хуманитарна акција „12 елки – 12 медиумски приказни“ продолжува понатаму. Акцијата започна пред точно пет дена и од тогаш па се до 4 јануари граѓаните имаат можност да донираат и да им помогнат на социјално загрозените семејства кои ги избраа медиумите.
Во кампањата се вклучени медиуми од националните телевизии, веб портали и радио станици односно телевизите Телма и ТВ21, порталите А1он, Сакам да кажам, МКД, Женски магазин, Фактор, Риборн, Мак Мода, Оффнет, Емагазин како и Сити радио. Во пресрет на Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците.
Елките се поставени на вториот кат во трговскиот центар веднаш до секторот за храна каде задолжените волонтери ќе бидат достапни за сите заинтересирани посетители да им излезат во пресрет и помогнат околу превземањето на подароците и дополнителни информации околу кампањата.
Редакцијата на А1он се реши подароците под својата елка да ги донира на семејството Христовски од Кисела Вода. Се работи за четиричлено семејство во кое две малолетни деца живеат со самохран татко кој поради повреда на работно место не е во можност повеќе да работи. Христовски се обидуваат да врзат крај со крај со пензијата од мајката на самохраниот татко која пак има сериозни здравствени проблеми.
Виктор Јованов