Видео: Хан и Могерини со пофалби, но и со потсетување дека не се завршени обврските

Од:

Има напредок, но сепак треба уште многу да се одработи, е пораката што денеска ја испратија европските лидери на средбата со премиерот Зоран Заев. Шефицата на европската надворешна политика, Федерика Могерини, ги поздрави постигнатиот договор со Грција и надминувањето на долгогодишниот спор потенцирајќи ја важноста на тој договор како пример за надминување големи спорови меѓу соседски земји. Таа ја пофали енергичноста на македонската Влада во пристапувањето кон реформите и порача дека се надева оти така и ќе продолжи.

„Потребно е сите политички сили во земјата да работат заедно и конструктивно на реформската агенда. Инклузивниот пристап останува суштински, а широките консултации треба да продолжат. Очекуваме опозицијата да дејствува конструктивно и веруваме дека ќе демонстрираат чувство за одговорност и капацитет да се надминат разликите за да може земјата да ги исполни очекувањата на граѓаните за членство во ЕУ“, изјави Могерини.

Комесарот за проширување, Јоханес Хан, пак, потсети на обврските што земјата сè уште не ги завршила, а тоа се реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Тој нагласи дека залудни се реформите ако граѓаните не чувствуваат бенефит од нив.

„Денеска многу слушнавме за прогресот, но морам да ве охрабрам да продолжите, а не да ги забавите сите тие напори. Промените во легислативата се позитивни и неопходни, но сакаме да видиме и трајна промена на менталитетот и однесувањето. Тоа е нешто што е многу поважно во поглед на успешен процес за зачленување во ЕУ“, рече Хан.

Според премиерот Зоран Заев, токму напредокот во реформскиот процес е силен аргумент за земјава во јуни да добие датум за почеток на преговори.

„Во периодот пред нас ќе работиме уште повеќе, уште подобро, заедно со опозицијата и сите пратеници во Собранието на Северна Македонија за остварување на сите преостанати задачи кои може да имаат влијание на одлуката во јуни , изјави Заев.

Би можело да ве интересира

Романо Проди: Ако АфД победи на изборите во Германија, со ЕУ е завршено

А1он

СДСМ: „Секој што е за Европа и демократија – за Мицкоски е талог“

Горан Наумовски

Мерц: „Не може проблемите на 21 век да се решаваат со буџет од 20 век“

Денеска истекува флексибилната примена на ЕЕС: Се очекуваат нови гужви на границите со ЕУ

Македонците се послаби од европјаните – во ЕУ 16,3% од луѓето се дебели, во Македонија 15,4 %

Горан Наумовски

Фон дер Лајен: Да нема забуна – Европа е нападната