Во програмата на Владата се обврзавме да го прошириме опфатот на деца во градинки и дека ќе го правиме тоа подеднакво и во рурални и во урбани општини. До крајот на 2017 ќе се заврши изградбата и опремувањето на тринаесет детски градинки и ќе имаме зголемен опфат за 682 деца до крајот на годината.
Ова денеска го истакнала министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, по увидот во објектот каде од септември ќе почне со работа првата градинка во општина Врапчиште.
– Целта е да обезбедиме рамномерен регионален развој и токму затоа ќе внимаваме и на рурални и на урбани општини, односно сите региони ќе бидат еднакво покриени и поддржани од Министерството за труд и социјална политика, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Во општина Врапчиште, како што се наведува, во крајна фаза е подготовката на градинката, а од септември МТСП ќе ја достави потребната опрема.
– Во Врапчиште имаме 1.347 деца на возраст од 0 до 6 години. Но, опфатот на деца со градинки е нула и тоа ни се случува во голем дел од нашите рурални општини. Оваа градинка е проектирана да опфати 80 деца во четири занимални. Една занимална треба да биде подготвена за дечиња од 0 до 3 години, а три занимални за деца од 3 до 6 години. Групите треба да бидат подготвени за да се организира настава, предучилишно образование на македонски, албански и турски јазик, се вели во соопштението од МТСП.
Целата градба и опремување на градинката е во партнерство меѓу МТСП и општина Врапчиште. Сите градежни изведби се платени од општината, додека опремата е од МТСП во висина од над 1,9 милиони денари.