Денот на почетокот на антифашистичкото востание и Народно oслободителната војна во Македонија, активисти од невладините во соработка со Сојузот на борците на Македонија, денеска го прославија пред споменикот на Ослободителите кај Владата на РМ.
Претставници на Сојузот на борците на Македонија, на СДСМ и граѓани положија цвеќе на споменикот на Ослободителите.
Распеани Скопјани им посветија неколку песни на партизаните и првоборците кои дојдоа на оваа свеченост. Актерката Кети Илиевска говореше песна од Ацо Шопов, а откако Сојузот на борците не беше поканет на вчерашното свечено одбележување на 11 октомври, денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор, првоборецот Трајче Грујовски, говорот што планираше да го одржи на државно организираниот собир, сепак го одржа пред споменикот. Тој рече дека борците се чувствуваат дискриминирани:
-Се чувствуваме отфрлени од власта и мислиме дека не го заслужуваме тоа.
Тој се обрати пред граѓаните на оваа паралелна прослава со говорот што требаше да го одржи вчера пред државниот врв.
-Од 11 октомври 1941 година поминаа 72 години. Истече многу вода низ реката Вардар. За жал, наместо безрезервна почит и признание, од пред 7 години се чувствува засилено неодговорен, дури полн со невистини, однос спрема почетокот на Востанието и спрема сета Народноослободителна и антифашистичка војна на Македонија. Вчудовидувачки беше кога од собраниската говорница пратеничка од групата на ВМРО-ДПМНЕ пропелтечи дека нападот на участокот на бугарската полиција значел братоубиствена војна. Немаше официјален демант. Пратеничката не му се извини на македонскиот народ. Во јавноста зачестија злонамерни прашања, со цел да се девалвира победата на Востанието. Сегашните партискополитички вреднувања се исполнети со тешки критики спрема тогашните херои и протагонисти.
Првоборецот Трајко Стаматовски за А1 Он коментира дека колку и да им се забранува на борците да говорат – вистината не може да се сокрие
-Од историјата ништо не може да се избрише, може различно да се толкува, меѓутоа вистината на крајот мора да победи. Ќе дојде време на потрезвени луѓе, кои ќе можат многу пообјективно да гледаат на настаните и минатовременски и сегашни и идни, објективноста мора да победи. Затоа денеска душата ми е исполната кога гледам како млади антифашисти ги прифаќаат идеите и како го гледаат минатото и каде ја гледаат иднината.
А.Б.