(ВИДЕО) Ангелов пред МРТ: Ќе ги гониме до крајот на светот, ќе им го земеме последното евро од банките

Од:

Никола Груевски ние те знаевме, но сега сите ќе те дознаат, му порача поранешниот генерал, Стојанче Ангелов, на премиерот на Владата, за време на неговиот говор пред граѓаните кои денеска протестираа за ослободување на МРТ.

Насобраните граѓани го поздравија Ангелов со овации и скандирања откако тој застана на говорницата пред МРТ. Лидерот на „Достоинство“ уште еднаш побара од уредникот на МРТ, Горан Петрески, да поднесе оставка. Неговата намера, рече тој, не е да ја окупира МРТ, туку да го принуди раководството да ги емитува бомбите.

– Бараме да ја ослободиме телевизијата од стегите на режимот не да ја окупираме. Бараме бомбите да бидат емитувани, а Горан Петрески треба да си даде оставка, но како кога парите се слатки, 2000 евра не се оставаат така лесно – рече тој.

Ангелов ги повика граѓаните да им даваат снимки со бомбите на своите сограѓани и пријатели за што повеќе луѓе, рече тој, да се запознаат со вистината за Македонија. Тој најави дека ќе оди со кола и звучници во најтврдокорните вмровски гнезда, како што рече, за им ја пренесе вистината на сите граѓани. Како мали политички гранати, рече тој, низ цела земја ќе расфрла цедиња и USB-еа со овие разговори.

– Ќе се појавам пред кооперација каде граѓаните седат и пијат пиво, и ќе им ги пуштам снимките. Така ќе сфатат дека со нив владеат узурпатори кои не се ВМРО-вци – рече тој.

Миленко Неделковски и Јанко Илковски кои се обидуваат да го оцрнат Ангелов во нивните емисии, поранешниот генерал ги нарече расни македонски мажјаци кои, додаде, да биле родени како лавови, лавицата ќе ги удавела.

Владините функционери, чии гласови, вели опозицијата, се слушаат на скандалозните аудио снимки, Ангелов ги нарече болни луѓе.

– Овие кои ги слушнавме се болни, јас не навредувам, тие имаат дијагнози. Тие злобно, хистерично и сатански се смејат над судбината на кутрите граѓани. Само такви можат да се потсмеваат со Љубе Бошковски кој ја бранеше оваа Македонија, со луѓето од Пустец, со Ромите кои велат ќе ги тегнат за уши. Никола Груевски, дали си ти нормален? Те слушнавме како збориш за рушење објекти и изборни измами, а на луѓето им велиш „Вие ме знаете мене“. Те знаеме Никола, но овој пат сите ќе те дознаат – му порача Ангелов на премиерот.

Како што рече тој, МРТ беше денес нападната за сите граѓани и во најодалечените места да ја чујат вистината за Македонија. Оваа вистина, рече тој, не е како шило кое врти, врти па излегува, туку како копје, рече тој, кое ќе се забие во нечесните срца на врвот во ВМРО-ДПМНЕ.

– Гарантирам дека режимот ќе падне, но сакам да видам до каде можат да одат. Ќе ги гониме до крајот на светот, ќе им го земеме последното евро од банките. Ме нападнаа од Курир дека сум имал поддршка од СДСМ, но јас имам поддршка и од чесните припадници на ВМРО-ДПМНЕ – рече тој.

Ангелов на Заев му честита за храброста да ги објави снимените разговори на владините функционери.

– Му честитам на Заев за лудата храброст што ја покажа. Сакам да му кажам да ги пушти сите бомби одеднаш за конечно да решиме се. Го чекам денот кога овој патриот, Македонецот, Никола Груевски, ќе го слушнам како го продава името и други гнасотилоци – додаде поранешниот генерал.

За албанските граѓани, рече тој, оваа власт ги злоупотребува за меѓуетнички тензии и дека се богати на нивниот грб.

Ангелов рече дека решенијата за сите проблеми на Македонија ги гледа во нејзиниот влез во Европска унија.

– Во 2001 година ние македонските бранители не се боревме за ваква Македонија во која ќе владее стравот и омразата што ја шират расните македонски мажјаци. Само на денот кога Македонија ќе влезе во ЕУ ќе се обединиме и само тогаш ќе одиме слободно кај нашите браќа во Егејска Македонија и во Пиринска Македонија. Тогаш и Албанците ќе ја имаат нивната Голема Албанија. Ќе ставиме крај на ова налудничаво владеење – рече тој.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Ангелов: „Достоинство“ ќе коалицира со ВМРО – ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Достоинство ќе го преиспита своето учество во владеачката коалиција

Ана Ололовска

Ангелов предлага да се одликуваат тројца починати генерали кои учествуваа во конфликтот во 2001 година

Жарко Настоски

Ангелов: Да излеземе и да гласаме „ЗА“ за нашата иднина, за европска Македонија

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бошкоски: Оваа гарнитура од ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно заминува во историјата

Ана Ололовска

Груевски: Некои партии кои се во служба на СДСМ може ќе станат дел од новата влада

Наум Локоски