Вонреден конгрес, мобилизирање на партиската структура, сојузништво со граѓаните, застапување и искрена борба за нивните интереси, единствено тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати на победничката патека, вели Анита Ангелевска, актуелен советник во Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Политиката мора да се води и практикува со доблест и кредибилитет. Политиката мора да добие достоинство, Битола и Македонија, Вие почитувани граѓани, тоа го заслужувате.
ВМРО-ДПМНЕ, мора да излезе од фазата на губитник и партија која нема фокус а сега најново и партија која бојкотира избори. Денеска сум овде во мое лично во име, како долгогодишен член на ВМРО ДПМНЕ и актуелен советник во Општина Битола, но и во името на голем број членови и поддржувачи на мојата партија.
Најмногу, загрижува фактот, што ВМРО-ДПМНЕ со сегашниот претседател Мицкоски не може и нема капацитет да биде алтернатива за надминување на очајната и безизлезна состојба во државата“, изјави Ангелевска.
„Секој одминат ден без вонреден конгрес, почитувани, ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО-ДПМНЕ е само на штета на Македонија, на нејзината иднина и на штета на нејзините граѓани.
Жените учеснички во политичките структури на ВМРО ДПМНЕ, секогаш се прогресивното јадро кое од ВМРО-ДПМНЕ и во најголемите кризи прави силна и победничка партија.
И токму заради демократизирањето и обновувањето на ВМРО ДПМНЕ, потребата од дијалог, дебата, анализите и определувањето на нов концепт треба да се натеријализира преку вонреден конгрес.
ВМРО ДПМНЕ може и мора, веднаш, да ги мобилизира и обедини сите капацитети за победа. Само победничко и силно ВМРО ДПМНЕ може да и биде од корист на државата и сите нејзини граѓани.
Време нема, локалните избори се за помалку од една година. ВМРО ДПМНЕ мора во овој изборен циклус да влезе подготвено, а да излезе како победник.
Крајно неправедно е кон граѓаните, да продолжат да се соочуваат со лошото и никакво работење на СДСМ на локално ниво, незамисливо е и натаму да и биде дозволено на оваа власт да ја води државата во пропаст.
Во Битола, почитувани, ВМРО ДПМНЕ има долгогодишна победничка традиција, тоа мораме и можеме, што поскоро да биде возобновено! Патот за тоа е преку вонреден конгрес“, додаде Ангелевска.