Триесет дена притвор за Орце Камчев

Од:

Триесет дена притвор за бизнисменот Орце Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Ова е одлуката на судијката по претходна постапка за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по речиси десетчасовен распит на петмината приведени од вкупно 13 осомничени.

Околу 2.30 часот утринава, дел од осомничените беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Тие се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.

Претходно, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова која го води случајот, заедно со Катица Јанева, пристигнаа во судот да ги подигнат решенијата за притвор за Камчев и Јосифовиќ, додека другите решенија сè уште се изготвуваа.

Петмината осомничени кои беа приведени почнаа да пристигнуваат на распит во Кривичниот суд вчера околу 14 часот. Последен пристигна бизнисменот Орце Камчев, кој беше донесен со возило директно во гаражата на судот.

Претресот во просториите на Орка Холдинг почна вчера, околу 6 часот утрината со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција.

„Империјата“ на СЈО ги отвори прашањата за сестринските фирми и оф-шор компании кои се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев, но од обвинителството не соопштија конкретно за што станува збор. Она што е познато во јавноста е дека станувало збор за еден од пообемните предмети кој долго време бил во предистражна постапка од повеќемина обвинители на СЈО.

Еден од сегментите на истрагата е и контроверзната оф-шор компанија од Лугано, Ексико, понатаму фирмата НВСП за која во аудиоснимките на СДСМ можеше да се слушне дека ексдиректорот на УБК Мијалков договорал милионски провизии со Израелците за набавка на опрема за прислушување, но она што е најголем заеднички именител за повеќето осомничени се фирмите Орка Холдинг, Жито Полог Тетово и земјоделскиот комбинат Пелагонија од Битола.

Пред да почне распитот во Кривичниот суд, двајца од осомничените, Камчев и Панделески се огласија со соопштенија во кои се вели дека нивните фирми вработуваат многу лица и дека нивната работа се базира на транспарентност и одговорност.

Од СЈО најавија дека во скоро време ќе ја прошират истрагата за нови лица и за нови кривични дела и ќе бараат замрзнување на имотот.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

Орце Костов

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Се распродава имотот на Мијалков – јавно наддавање за станови во Охрид, плац на Кожуф, земјиште

А1он

Запленетите акции на Мијалков на аукција на берза

Обвинителството презентираше докази за „Империја“, судењето продолжува на 9 мај

Ана Ололовска

Во Кривичен продолжи судењето за „Империја“

Ана Ололовска