„Треска“ наликува на депонија: Тоалет-школки, плакари, теписи, запален шут, исушено езеро

Од:

Езерото „Треска“ повеќе не наликува на спортско-рекреативен центар туку на депонија, полна со отпад и запалено ѓубриште. Вакви се најчестите коментари кои доаѓаат од посетителите на „Треска“. Фотографиите тоа и го потврдуваат. На еден ќош има запален шут, на друга страна расфрлан отпад, а езерото го нема бидејќи е пресушено. Комплексот е речиси целосно уништен, откако буквално сите објекти се отстранети, освен една кафеана.

Наместо природата, куповите со градежен шут се најчестата глетка во комплексот. Помеѓу штиците, бетонот, има и мебел, пластика, покуќнина.

„Може комплетно да се опреми нечиј дом, ако елементите се здрави. Од теписи, до тоалет-школки, остатоци од кујни, плакари, водоводни цевки. Сето ова е исфрлано во сред спортско-рекреативниот центар“, коментираат посетителите.

Рестораните и старите објекти на „Треска“, кои беа белег на комплексот, веќе ги нема. Од нив, на некои места, се оставени само темелите. Таму речиси ги нема камперите кои со децении поминуваа дел од своето време во комплексот со своите семејства.

Дека „Треска“ било место за дружба, потсетуваат пластичните столови, остатоци од кујни, па дури и кошницата за излет која е оставена со останати лични работи близу место каде што порано имало објект.

Единствено, во комплексот опстојува само еден објект, кафеаната „Сарај“, која изгледа како да чека нов сопственик. Урбаната опрема наоколу е уништена, ископани се и каблите од кои е украден калајот од жиците за да се продаде и заработи.

Ако до пред три месеци во езерото имаше барем малку вода – сега тоа е целосно исушено.

Во склоп на комплексот се гори и смет. Ова никој не го контролира, а ветерот може да го разнесе огнот и да ги запали тревата и дрвјата.

Езерото е дел од предизборните кампањи на сите скопски градоначалници близу 23 години. Без исклучок, сите досегашни градоначалници, заедно со актуелниот, Петре Шилегов, пред изборите ветуваа враќање на сјајот на „Треска“, а по изборите со години се оправдуваа зошто не можат да го остварат ветеното.

Се ветуваа пречистителни станици, бунари, приватизации, јавно-приватни партнерства, но ниту едно ветувањето повеќе од две децении не е реализирано.

Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“  до 2013 година беше во ингеренции на Град Скопје кога со владина одлука сопственоста беше пренесена на Општина Сарај. Советот на Скопје, пак, во декември 2016 година изгласа одлука езерото да се избрише од сметководствената евиденција на Град Скопје со што и официјално се откажа од комплексот.

Во 2019 година Владата на премиерот Зоран Заев на 147. седница усвои информација врз основа на која се овозможува Општина Сарај да почне постапка за изградба на спортско-рекреативен центар во близина на селото Глумово, кој ќе го опфати и „Езеро Треска“, а кој вклучува и изградба на викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам. Минатата година Владата земјоделското земјиште околу „Езеро Треска“ го пренамени во градежно, за да може да се реализира планот на Општина Сарај.

Би можело да ве интересира

Скен: Кој ќе го лапне „Езеро Треска” ?

Анита Петровска Рајковиќ

МВР ја потврди пљачката на „Езеро Треска“, зачестени кражби, засилени полициските контроли

Маја Илиевска-Пачемска

Нова драма на „Езеро Треска“: Му ја украле приколката, ја нашол оставена на патот за Бојане

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Пљачка на „Езеро Треска“, ги сечат канделабрите и ги ставаат во комбиња без регистрации

Маја Илиевска-Пачемска

Руина и смет: спортско-рекреативниот комплекс „Треска“ се распаѓа

Жарко Настоски

Отпад, кучиња, непријатна миризба, кал, вака изгледа некогашниот рај за скопјани езеро Треска

Сандра Бошковска